1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Две родилки ја загубија битката со Ковид-19

ДТЗ
31 март 2021

Родилките се на 32 и 33-годишна возраст, од Скопје и од Делчево. Според лекарите, тие немале други заболувања.

https://p.dw.com/p/3rS1O
Nord-Mazedonien | Patienten Anlieferung
Фотографија: Petr Stojanovsk/DW

Двe родилки починаа поради компликации од Ковид-19 во С. Македонија. Едно од новороденчињата се бори за живот, додека другото бебе е во добра состојба и е испратено дома. Во изминативе 24 часа коронавирусот одзеде 32 животи во земјата, додека бројката на новозаразени достигна до рекордни 1.511 лица.

Според лекарите, двете родилки немале други заболувања. Едната од нив, 33-годишна жена од Делчево починала  во ГОБ „8 Септември“, каде што била префрлена по породувањето на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство во Скопје (ГАК). Нејзиното бебе е во добра состојба е пратено дома. Другата е 32-годишна родилка од Скопје, која денеска починала на КАРИЛ, а нејзиното бебе се бори за живот на одделението за интензивна нега.

Втора бременост

Надлежните информираа дека двете жени биле породени со царски рез. Ова им била втора бременост. 33-годишна жена од Делчево се породила во термин со царски рез. Родила машко бебе во добра општа состојба. Од Клиниката за гинекологија и акушерство информираат дека  родилката ја примиле на 10 март во лоша состојба, со висока температура, ниска сатурација и со кашлица. На 11 март била породена, но поради влошување на нејзината клиничка состојба, бил препратена на натамошно лекување во ГОБ „8 Септември“. Ден пред хоспитализацијата, на 9 март родилката добила негативен ПЦР тест, а на Клиниката за гинекологија на 10 март и бил направен антигенски рапид тест кој покажал позитивен резултат.

-повеќе на темата: Едно и пол месечно бебе хоспитализирано во ковид-центарот за деца

Втората почината родилка е 32-годишна скопјанка, исто таа бремена со второ дете. И таа била породена со царски рез, во 30. недела од бременоста. Родилката на Клиниката за гинекологија  била донесена од Инфективната клиника во Скопје на 20 март во тешка состојба и само неколку часа по породувањето, поради исклучително лошата состојба, е препратена на интензивно лекување на КАРИЛ. „Нејзиното предвремено родено бебе е женско, кое сѐ уште се наоѓа на Одделот за интензивна нега на ГАК и е на респиратор“, информираат од Клиниката.

Состојбата во болниците е сериозна

Ковид-19 и мутациите на вирусот земаат се поголем замав во земјата. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 130.022, бројката на оздравени пациенти е 106.979, починаа 3.781 лица, а бројот на активни случаи изнесува 19.262.

-повеќе на темата: Први компликации со вакцината на „АстраЗенека“ во С. Македонија

„Состојбата во болниците е сериозна“, беше соопштено по средбата на министерот за здравство Венко Филипче и директорите на клиниките каде што се лекуваат ковид-пациенти. „Здравствениот систем секојдневно се менаџира, се обезбедуваат нови болнички легла, медицинскиот кадар е целосно мобилизирани, но состојбата во болниците е многу сериозна. Затоа од огромна важност е граѓаните да ги почитуваат мерките за да ни помогнат здравствениот систем да остане одржлив, во битка со ковид-пандемијата“, соопшти Филипче.

Според извештаите од болниците, во цела земја се хоспитализирани 1 581 пациент, од кои 654 во ковид-центрите во Скопје, а другите 927 во внатрешноста. Засега се слободни околу 260 болнички кревети.