1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две години по соборувањето на нивниот режим, Талибанците во Авганистан повторно се во поход

13 ноември 2003
https://p.dw.com/p/AdOU
Американските и сојузничките сили од Северната алијанса очигледно во октомври и ноември 2001-ва година не успеаја да ги протераат Талибанците целосно и трајно од Авганистан. Чекор по чекор тие повторно се засилуваа и во меѓувреме големи делови на југоистокот на земјата се под нивна власт.

Мрачни предупредувања по повод втората годишнина упати оној кој во минатото покажа дека не останува само на предупредувања - Гулбудин Хекматјар, водач на авганистанската Исламска партија, го означи како голема грешка на Европејците што им помагаат на Американците во Авганистан и што се проширува областа на дејствување на меѓународните заштитни сили ИСАФ. Тоа е осудено на пропаст, предупреди Хекматјар.

Европејците, Американците и владата на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи секако посакуваа пољубезни честитки на втората годишнина од ослободувањето на Кабул. Но, и самите премногу добро знаат дека тој датум се' уште не е повод за радосно празнување. Две години откако Талибанците се извлекоа од Кабул пред доаѓањето на милициите на тогашната Северна Алијанса, радикалните сили повторно се на пат да освојат бази во земјата, а повторно се вмешуваат и приврзениците на Хекматјар, кој беше главен одговорен за крвавите борби пред победата на Талибанците. Неговото враќање од бегалство, што го помина во Иран, не ветува ништо добро: Хекматјар со Талибанците нема ништо заедничко, освен омразата спрема Американците и спрема владата на Карзаи што тие ја подржуваат.

Германскиот дипломат во ОН Гунтер Плојгер, кој со колеги од Советот за безбедност го посети Авганистан, деновиве мораше да признае дека таа земја е многу далеку од она што на други места би се нарекло нормален живот. Безбедносната ситуација во големи делови на земјата незадоволува, а Авганистан повторно станува поле за дејствување на најразлични локални водачи и господари на војната.

Таква состојба, а не посакуваниот мир и демократизација на земјата, предолго беше "нормалност" во Авганистан и претставува главна пречка на патот кон подобар општествен систем. Тоа тешко дека ќе биде надминато и со амбициозните проекти, како на пример нацртот на новиот устав и подготовката за парламентарни избори. Една од причините секако е што централната влада, како и порано, одвај да има власт надвор од главниот град Кабул и мора да се потпира врз подршката на сомнителни регионални владетели. Гулбудин Хекматјар го искажа тоа сосем отворено: со владата нема да разговара, бидејќи таа нема власт. Втората причина е надвор од Авганистан, но не треба да се потценува - колку помалку на САД им успева да остварат напредок во Ирак, толку повеќе сила добиваат нивните противници во Авганистан.