1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

ДВ стартува Јутјуб канал на турски јазик

Патрик Гросе
29 април 2019

Дојче веле и три други меѓународни медиуми за првпат ќе соработуваат и заеднички ќе стартуваат Јутјуб канал на турски јазик. Целта е зајакнување на слободата на говорот и на медиумите во Турција.

https://p.dw.com/p/3Hc43
PK Start des türkischsprchigen YouTube Kanals +90 (Huseyin Aldemir)
Галагер Фенвик (Франс24), генералниот директор на ДВ, Петер Лимбург, Џејми Ангус (Би-Би-Си) и Ерик Филипс (ВОА) во Истанбул го означија стартот на новиот Јутјуб-канал на турски јазикФотографија: DW/Huseyin Aldemir

Јутјуб каналот треба да биде „нова понуда за информирање“ со која треба да се допре до корисниците не само во Турција, туку и до Турци кои живеат надвор од татковината. Тоа е идејата на Дојче Веле и на неговите партнерски медиуми. Заедно со британската Би-Би-Си, францускиот медиум Франс24 и американскиот Војс оф Америка, германскиот медиум ќе нуди видео содржини онлајн. Низ репортажи, прилози и интервјуа треба да биде обработен широк спектар на општествено-политички теми, најавуваат четирите партнери.

Веродостојни информации 

„Со овој канал на Јутјуб сакаме на корисниците да им понудиме веродостојни информации кои ќе го поддржат независното формирање на став", рече генералниот директор на Дојче веле, Петер Лимбург. „Тоа е уникатна соработка на меѓународни медиумски куќи со цел да се понудат содржини на публика од турско говорно подрачје која е заинтересирана за теми од меѓународна политика, економија, наука и култура."
Заедно со одговорните од трите партнерски станици, Лимбург денеска го отвори Јутјуб каналот за време на прес-конференција во Истанбул. Уште на почеток ќе има голем број видеа на каналот, меѓу кои и репортажи за градежната криза во Турција или пак за темата детски бракови.

Содржините ќе бидат постојано достапни

Меѓународните медиуми во иста мера ќе придонесуваат за содржините на каналот кои ќе им бидат постојано достапни на корисниците. „Четирите медиуми ќе имаат обемна понуда чија цел, меѓу другото, е и да ја зацврстат медиумската и слободата на говорот", вели генералниот директор на ДВ, Лимбург.

PK Start des türkischsprchigen YouTube Kanals +90 (Huseyin Aldemir)
Петер Лимбург: Сакаме на корисниците да им понудиме веродостојни информацииФотографија: DW/Huseyin Aldemir

ДВ ќе биде водечка во проектот. Новинарите Еркан Арикан и Изил Нергиз се одговорни за поставувањето на каналот. За Арикан ова е прв голем проект на ДВ. Кон крајот на 2018 тој од Вестдојчер рундфунк премина во ДВ и го презема водството на турската редакција. За новата понуда вели дека „акцентот го ставаат на теми кои се дискутираат во турското општество. Каналот не се стреми да ја отсликува реалноста на начин на кој тоа го прават вестите, туку со избрани теми се оди во суштината и се прикажуваат нови аспекти, бидејќи тоа ни го овозможуваат поголемите формати на Јутјуб."

Повеќе: Германските репортери- трн во око на Ердоган

Прозорец кон Европа

Овој проект е дел од развојната програма на Дојче веле за периодот 2018-2021 година. Во неа се наведува: „Наспроти големата надеж, турската влада во меѓувреме јасно покажа дека спроведува авторитарен курс." ДВ сака да ги пренесе и претстави европските вредности во Турција. Оваа содржинска ориентација е секако предизвик за турскиот пазар: „Новинарската работа во Турција е сѐ потешка, а потенцијалните партнери сѐ почесто ја одбиваат соработката со меѓународни независни информативни куќи."

Оттука, развој на сопствена платформа има поголемо значење. Во развојната програма натаму се вели: „Со цел да отвори прозорец кон Европа, ДВ планира заедно со меѓународни информативни куќи да отвори заеднички Јутјуб-канал, а можно е да се отвори и паралелен ТВ-канал на турски јазик." ДВ кој емитува програма за странство и се финансира од буџетот на секои четири години поставува цели и задачи кои планира да ги оствари. Германската влада во јуни 2018 година го одобри планот за периодот 2018 – 2021.

На почетокот на април, генералниот директор на ДВ, Петер Лимбург, во Бундестагот го претстави Јутјуб-каналот на турски јазик. Пратениците од сите пратенички групи го поддржаа проектот и заклучија дека ова е неопходен чекор кој одамна требало да биде направен. Пратениците особено го пофалија изборот на теми кои според нив нудат вистинска додадена вредност за корисниците во Турција.

Erkan Arikan
Еркан Арикан: Со избрани теми се оди во суштината Фотографија: DW/B. Scheid

Лимбург нагласи дека ДВ и неговите патртнери придаваат големо значење на избалансираноста на новинарските содржини. Затоа отворено ѝ пристапија на турската влада и навремено ја информираа за почетокот на Јутјуб-каналот, особено поттикнувајќи ги да бидат отворени за соработка и интервјуа. На овој начин во програмата може да бидат застапени сите различни ставови, особено за тешки теми.

Милиони корисници низ светот

Ова е првпат четири големи меѓународни медиуми да соработуваат заедно. Дојче Веле неодамна ја прошири соработката со француската групација Франс Медиас Монд (ФФМ) во која спаѓа и Франс24. За европските избори редакциите на двете медумски куќи подготвуваат серија прилози кои ќе се емитуваат на социјалните мрежи и веб-страници на повеќе јазици. Дојче веле нуди независни информации на повеќе од 30 јазици, а ДВ и ФФМ заедно неделно достигнуваат до 320 милиони корисници преку ТВ, радио и дигитална понуда.

Сервисот на Би-Би-Си исто така произведува содржини за радио, ТВ и онлајн на повеќе јазици во различни региони. Меѓународната програма на Би-Би-Си има неделна публика од 279 милиони луѓе низ светот. Четвртиот партнер, Војс оф Америка, е најголемиот меѓународен радиодифузер во САД. Оваа медиумска куќа нуди информации и програма на над 40 јазици и неделно достига до околу 275 милиони луѓе.