Датум за преговори до јуни!?
19 јануари 2010Групата на европските социјалисти се залага за проширувањето на Европската унија и за зачленувањето на земјите од поранешна Југославија во Европската унија, изјави за Дојче веле германскиот европартеник Мартин Шулц, кој претседава со втората по големина група на Европскиот парламент.
Во случајот со Македонија, за која Европскиот парламент побара да и се додели датум за почеток на преговори, но препораката не беше следена од Европскиот совет, Шулц вели: „Потребно е да бидеме сериозни, постојат тешки проблеми меѓу Македонија и Грција, кои тежат многу врз процесот на проширувањето.“
Шулц не сака да се изјасни по суштината и содржината на спорот меѓу двете земји, бидејќи тој сака да биде полезен за да се најде решение за него. „Но мојата група останува верна на идејата дека и Македонија во догледно време треба да стане членка на Европската унија.“
Потребна е максимална дипломатија
Претседателот на групата на европските социјалисти на прашањето дали одлагањето на датумот за преговори може да предизвика негативни последици за земјата и за регионот, предупредува: „Потребно е да се внимава да не се создаваат преголеми тензии ниту внатре во Македонија, ниту внатре во другите земји на Европската унија на кои ова се однесува. Затоа е потребна максимална чувствителност и дипломатија.“
Околу можноста Македонија да го добие датумот за преговори во март, Мартин Шулц е многу претпазлив. „Гледам со извесна доза на скептицизам на можноста да биде доделен датумот за преговори во март. По се’ она што се случува во моментов малку е веројатно дека тоа ќе се случи. Но да бидеме оптимисти, тоа може да се случи за време на првата половина на годината. Тоа ќе претставува напредок“.
Според овие предвидувања на германскиот европратеник, датумот за преговори може да се чека на јунскиот самит на Европската унија.
Утре (20.01.10), во Стразбур, европратениците од делегацијата за соработка со Македонија имаат работен состанок, на кој ќе расправаат за најновиот развој на ситуацијата во Македонија и пред се’ за подготвувањето на идниот мешовит комитет на кој ќе се најдат заедно со нивните колеги од Македонија.
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Александра Трајковска