1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали се уставни намерите на германската влада за азилантите од Балканот?

Матијас Белингер / Елизабета М. Фиданоска24 јуни 2014

Владата во Берлин сака да ги прогласи Македонија, Србија и БиХ за сигурни држави и со тоа да ја забрза постапката за азил. Експертите не се единствени околу прашањето - дали е тоа согласно со Уставот?

https://p.dw.com/p/1CPDL
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ако се праша германската влада, тогаш на барателите на азил од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина во иднина треба да им биде тешко да добијат азилантски статус во Германија. Големата коалиција (ЦДУ,ЦСУ и СПД) има намера да ги прогласи трите земји за „сигурни“. Причина за ваквата иницијатива: во изминатите години бројот на бегалци од овие земји е многу зголемен. Ако во 2011 година околу 9.000 лица од трите земји барале азил во Германија, тоа за две години значително се променило - во 2013 година имало 30.000 баратели на азил, главно Роми кои во Германија бараат заштита од дискриминација.

Одбивање на барањата во 99% од случаите

Манфред Шмит, претседател на Сојузната служба за миграција и бегалци, надлежна за проверка на случаите, објаснува дека над 99% од барањата од овие три земји ќе бидат одбиени. „За постапките по случаите од трите западнобалкански држави се потребни персонални ресурси. Поради тоа, не сме во состојба да се грижиме за случаите од Сирија, Авганистан или Еритреја, на кои навистина им е потребна заштита“, изјави Шмит вчера (23.06) во текот на излагањето пред Комисијата за внатрешна политика на Бундестагот. И претставникот на Министерството за внатрешни работи на покраината Баварија, Ханс-Екард Зомер, со оглед на растечкиот број бегалци, се залага за донесување на законот. „Општините се дојдени на границите на своите можности“, рече тој. Поддршка дојде и од професорот по право Даниел Тим, кој смета дека состојбата на Ромите во трите земји не е причина за давање статус на бегалец. „Не може со законот за азил да се решаваат социјалните и економски проблеми на земјите од кои доаѓаат барателите.“

Франкфуртскиот адвокат Рајнхард Маркс има поинаков став. За него е јасно дека законот кој треба да се донесе не е во согласност со Уставот и со европското право. За една земја да се прогласи за „сигурна“ не е доволно да се докаже дека во таа држава никој не е прогонуван, туку треба да се докаже дека граѓаните на таа држава навистина уживаат заштита од прогон и дискриминација. Тоа коалицијата со својот предлог не го прави, вели Маркс. Во сите три држави има извесен обем на дискриминација, која во одделни случаи е рамна на големи прекршувања на човековите права, убедена е и Карин Варинго, политиколог од организацијата на Ромите „Чачипе“. „Германската влада си ги поедноставува работите со тоа што ги третира површно законите во тие земји“, критикува таа, додавајќи: „Проблемот е меѓутоа што законите не се спроведуваат или се применуваат селективно.“

Hungerstreik Flüchtlinge am Brandenburger Tor 14.10.2013
Протести во Берлин во октомври 2013 година - бегалци штрајкуваат со глад, барајќи азил во Германија и промена на политиката на доселувањеФотографија: DW/L. Pitu

Заштеда во време - 10 минути

Правилото на „сигурни држави“ е воведено во 1993 година, кога Германија го заостри својот закон за азил. Во моментов дел од таа група се сите држави на ЕУ, како и Гана и Сенегал. Меѓутоа, доколку Македонија, Србија и БиХ бидат прогласени за „сигурни држави“, тоа нема да значи дека луѓето до овие земји немаат право ниту да поднесат барање за азил. Имено, Сојузната служба за миграција и азил ќе биде и натаму обврзана да го сослуша лично секого од барателите на азил. Единствено ќе се заштедат „околу 10 минути“при формулирањето на одлуката за одбивање на барањето, нагласува Шмит. Сепак, тој се надева дека новиот закон ќе ги растовари малку неговите соработници.