1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали се ова најздодевните избори во историјата на Германија?

Дагмар Енгел
24 септември 2017

Доколку и овие избори наликуваат на претходните три, Германците ќе гласаат и Ангела Меркел ќе стане канцелар. Но и покрај тоа, трката тука не завршува, а многу прашања остануваат неодговoрени, смета Дагмар Енгел.

https://p.dw.com/p/2kb4W
Berlin Bundestagswahl Stimmzettel und Wahlurne
Фотографија: Reuters/S. Loos

Парламентарните избори во Германија се во тек. Сѐ што знаеме засега е базирано на предизборните анкети. Само потсетување: во последната година, Европејците си легнаа убедени во точноста на предизборните анкети и се разбудија со Брегзит и Доналд Трамп.

Веројатно нема да се случи таков кошмар овојпат. Очекуваната разлика меѓу демохристијаните (ЦДУ) на Ангела Меркел и Социјалдемократите е преголема за да се очекува нов канцелар. Финансиските пазари, во нивната бесрамна ароганција, веќе одлучија дека сѐ ќе остане по старо, со други зборови- стабилно. Тоа ги прави среќни брокерите, и ним не им е грижа за ништо друго, барем што се однесува до бизнисот.

Можна ли е трипартитна коалиција?

Но берзите можеби грешат. Повторно, ниту една партија нема да може да владее самостојно. И без оглед колку е моќна Ангела Меркел, таа честопати мораше да ги прифаќа барањата на коалициските партнери и да голта некои кнедли. Во последниот мандат, СПД ја принуди да прифати минимална плата. Во следниот, партијата на Зелените би можела да протурка затворање на електраните на јаглен против нејзина волја. Или можеби Либералите ќе бараат нов закон за имиграција кој ЦДУ не го сака. Можеби Меркел ќе мора да ги прифати обете доколку не може да формира мнозинство со некоја друга партија. Тоа ќе ја намали извесноста и ќе ја зголеми можноста за кавги во владата.

Kommentarbild Kommentatorenfoto Dagmar Engel
Дагмар Енгел

Исходот на изборите веројатно ќе ѝ овозможи на ЦДУ да формира нова коалиција со СПД. Но социјалдемократите не сакаат да бидат дел од нова влада предводена од ЦДУ. Искуството покажа дека поради тоа губат гласови. Главното прашање сега гласи: колку гласови ќе загубат овојпат? Доколку СПД освои помалку од 25 проценти од гласовите, многу е веројатно дека во иднина ќе бидат опозиција. Доколку СПД падне под 20 проценти, тогаш е веројатно нивниот лидер Мартин Шулц да си поднесе оставка од функцијата. Кога ја презеде партијата пред 6 месеци, СПД имаше рејтинг од 30 проценти.

Како се гласа во Германија?

Отворена и модерна Германија

Сепак, прашањето колку гласачи ја заборавиле сопствената историја има многу поинаква тежина. Не секој кој гласа за Алтернативата за Германија (АфД) е радикално-десен националист или расист. Но секој кој гласа за оваа партија мора досега да сфатил за кого гласа. Десничарските популисти не можат да победат на овие избори, како што никој не може да владее со нив.

Но на меѓународно ниво, репутацијата на Германија ќе доживее удар, иако десничарскиот популизам за остатокот од светот е безначаен. Како и да е, десничарските популисти и натаму ќе влијаат врз политичката дебата во земјата. Тоа значи дека, помалку или повеќе, ќе имаат збор во одлуките за идните правци на државата. Процентот на гласови за АфД ќе покаже колку е длабока поделеноста во германското општество и колку ќе биде важно за следната влада да работи на сплотеност во општеството и да осигура една отворена и модерна Германија во Европа.

Успехот на оваа задача ќе зависи од композицијата на парламентот и оттука, и на владата. За тоа одлучуваат Германците. И тоа е возбудливо.