1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Губи ли американската економија чекор со времето?

Ута Штајнвер.Ж.А.21 април 2016

Десетина години по финансиската криза, на американската економија главно добро и‘ оди. Но САД мора да се борат со структурни реформи, какви што се познати и во Германија.

https://p.dw.com/p/1IZCO
Фотографија: Getty Images/Leon Halip

„Подобро отколку никако, но не баш сјајно“, „отприлика според очекувањата“ или „чашата е дополу празна или-полна“-ова е одговорот на стручњаците на водечките институти во Америка на прашањето за состојбата на економијата во САД. Единствено што им изгелда позитивно е стапката на невработеност. Таа е моментно само 5 проценти, речиси на ниво од пред кризата. Посебно добро образованите луѓе можат да избираат работно место, но за другите и натаму е тешко да најдат работа: „Тоа важи особено за оние без завршен факултет“, вели Марк Калабриа од Институтот Като, инаку близок до (нео)либералните ставови во економијата.

Калабриа исто така предупредува дека не може сосем да и‘ се верува на официјалната стапка на невработеност, ако притоа не се земе во обѕир трендот кон делумна вработеност. Минатите години работодавачите често го намалуваа бројот работни часови на своите вработени. „Ако еден човек работи 40 часа неделно, а наспроти него двајца работат по 20 часа, тоа изгледа како две работни места, но сепак се само 40 часа неделно“.

Затоа и статистиката изгледа подобро отколку реалноста.

Платите растат, но не и продуктивноста

Американските економски експерти посебно ги загрижува трендот во американското стопанство: зголемувањето на продуктивноста не држи чекор со покачувањето на дневниците. Нема економист кој би имал нешто против раст на платите се‘ додека и продуктивноста, односно вложениот капитал и труд, растат побрзо од дневниците. Но, ако платите растат побрзо од продуктивноста, тогаш целото стопанство губи чекор со конкуренцијата.

Schlüsselanhänger mit US-Flagge
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.J. Hildenbrand

Продуктивноста првенствено е поврзана со иновациите и новите технологии кои ги менуваат работните процеси. Боби Босворт од Брукинг институтот смета дека САД минатите децении беа исклучително успешни во воведувањето нови технологии, па така беа прваци во многу области. „Но сега изгледа дека секторот на висока технологија стагнира“, мисли Босворт. Навистина, има и натаму многу мали иновации и подобрувања, но многу од нив на крајот пред се‘ се користат во другите држави. Многу земји, како Кина, наголемо напредуваа, па така САД во секторот на технологијата веќе одамна не се сами на врвот.

Начелно, помалата продуктивност не мора да биде лоша: „Можат да се создадат многу работни места, зашто малку работници стануваат вишок“, смета Босворт. Но тоа значи дека стандардот на вработените не станува подобар. Од другастрана, државата тука не може многу да стори: „Продуктивноста е нешто што лежи во коренот на приватното претприемништво. Политиката не може многу да влијае тука, а економистите не се посебно добри кога треба да се предвидат промени во продуктивноста.“

Влијанието на државата

Џозеф Гањон од Институтот Петерсон не се согласува дека државата не може ништо да направи во овој поглед. Како прво, исклучително е важно државата да се погрижи за добро образована работна сила: „Најдобро образованите Американци се и најдобри во светот“, уверен е овој стручњак. „Но, кој не посетува факултет, останува далеку на опашката. Кај нас постои поголема нерамноправност во образованието отколку во другите земји. Тоа мораме да го промениме.“ Јазот меѓу одлично образованите и лошо образованите игра голема улога и во разликите во приходите, а доброто образование води кон повисока продуктивност и повисоки плати.

USA Google Chromebook
Фотографија: picture alliance/dpa/A. Warnecke

Гањон исто така споменува и друг важен фактор каде државата влијае врз продуктивноста, што во меѓувреме се‘ повеќе се претвора во сериозен проблем: состојбата на инфраструктурата во САД. „Пред триесетина години имавме најдобра инфраструктура во светот, но таа оттогаш не се одржуваше“. Наместо тоа, се редеа инциденти: во Флинт, сојузната држава Мичиген, изби скандал поради водата за пиење загадена со олово. Јавниот превоз и системот на подземни железници во Вашингтон и во Њујорк не се одржува и постојано доаѓа до дефекти. Мора да се обноват и сообраќајниците и мостовите, да се прошири јавниот превоз: „Заостануваме во однос на остатокот од светот. А тоа очигледно спаѓа во надлежност на владата,“ вели Гањон.

Американските економисти, се разбира, ги загрижува и високата вредност на доларот. Тоа значи дека американските производи се премногу скапи на светскиот пазар, а увозот и натаму расте. Босворт е уверен: „Ова нема уште долго да оди. Зашто, надворешнотрговскиот дефицит го кочи стопанството, а тоа е политички чувствително прашање.“ Додуша, тој смета оти причината се наоѓа и надвор од САД, зашто се влошува состојбата на глобалната економија, на што американската економска политика не може да влијае.

Марк Калабриа е уверен дека САД се опасно приближени кон кулминацијата, по која следи пад: „На нашето стопанство оваа година ќе му оди добро, но тоа лесно би можело да биде последната таква добра година.“ Тој предвидува промена до крајот на 2017 година или почетокот на 2018 година. Зашто, ако стопанството не ја зголеми продуктивноста и ако не се вложува повеќе во образование и опрема, тогаш, уверен е овој економист, нема да може да расте натамошно ни трошењето од страна на потрошувачите.