1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Давос 2022: Доста е со зборување, треба да се дејствува!

Мануела Каспер-Клериџ
26 мај 2022

Ретко кога атмосферата на Светскиот економски форум во Давос била толку мрачна како годинава. Светот е на пресвртна точка. Притоа не помага ако за кризите само се зборува, смета Мануела Каспер-Клериџ.

https://p.dw.com/p/4Bu6B
Schweiz | Jahrestagung des Weltwirtschaftsforums 2022 in Davos | Wolodymyr Selenskyj
Светскиот економски форум започна со говорот на украинскиот претседател Володимир ЗеленскиФотографија: Gian Ehrenzeller/KEYSTONE/picture alliance

Војна, рецесија, глад, недостиг на енергија - темите на многуте дискусии на овогодинешниот Светски економски форум (СЕФ) во Давос дадоа малку причини за оптимизам. Светот е на пресвртна точка: политички, економски, социјално. Во тоа се согласни моќниците од овој свет кои се сретнаа во швајцарското алпско место. Но, кризите не се решаваат само со разговор. Се разбира, размена на мислења меѓу политиката, бизнисот и граѓанското општество, е неопходна. Добро е што се разговара. Но, СЕФ22 сега мора да биде почеток на акција и еве ги најитните работи што треба да се направат:

1. Мора повторно да може да се извезува жито од Украина. Во украинските магацини скапуваат 20 милиони тони пченица. Недостига жито за да се нахрани светското население. Околу 28 отсто од пченицата што се тргува на глобално ниво досега доаѓа од Украина, а следната жетва веќе зрее на полињата, иако под тешки услови. Затоа, треба брзо да почнат да се тркалаат дополнителни возови и камиони. Рускиот властодржец Владимир Путин мора да го дозволи овој извоз. Но, потребен е поголем притисок врз него и неговиот режим. Ако ова не успее, ќе гладуваат или од глад ќе умрат милиони луѓе ширум светот.

DW Kommentatorenbild Manuela Kasper-Claridge
Мануела Каспер-Клериџ, главна уредничка на ДВФотографија: DW/R. Oberhammer

2. Санкциите против рускиот агресор мора да преминат во следна фаза. Рускиот извоз треба да биде многу отежнат. Не може московската воена каса сѐ уште да профитира од растечките цени на енергијата. Германскиот министер за економија Роберт Хабек сака да ја ограничи цената на нафтата со картел за глобална побарувачка и со тоа да ја погоди Русија. Тоа е добра идеја. Бидејќи нема проблем со количествата, има проблем со дистрибуцијата. Мора веднаш да се види како тоа ќе се спроведе. Ве молиме, доста е со долги дебати.

3. На Европа ѝ е потребен план за вонредни ситуации долго пред пристигнувањето на зимата. Војната во Украина предизвика уште поголем раст на и онака екстремно високите цени на енергијата ширум светот. Сѐ повеќе луѓе не можат да си ги платат сметките за струја. Компании се принудени да го намалат производството. На Европа ѝ се заканува прекин на снабдувањето со струја наредната зима. Долго исклучување на струјата на голема територија ќе ја погоди критичната инфраструктура, како на пример здравствената заштита, телекомуникациите, управувањето со водите.

4. На можната рецесија е потребно спротивставување со паметна државна интервенција. Шефицата на ММФ, Кристалина Георгиева, ги шокираше учесниците на форумот во Давос со веста дека се намалени очекувањата за раст на 143 земји-членки. Помал раст значи помал просперитет. Војната во Украина, растот на доларот и падот на економијата во Кина поради пандемијата се главните причини за тоа. И сега? Ве молиме, не чекајте додека дојде рецесијата, спротивставете се порано - со даночни намалувања, државни програми за поддршка во заштитата на климата или дигиталната инфраструктура. Штедењето сега е погрешен пат.

5. Брзо мора да се подготви и спроведе Маршалов план за Украина. Уништени се села и градови, како и важна инфраструктура. Никој не знае колку долго ќе трае војната. Но, веќе сега мора да се обезбеди иднината на државата. Со инвестиции во обнова, изградба на нови куќи и транспортни патишта. Не треба да има никакво двоумење. Затоа што на Украина оваа помош ѝ е потребна сега, а на луѓето им е потребна перспектива за иднина. Нивната борба против рускиот агресоре и борба за западните вредности, за демократија и за самоопределување на народите.

Добро е што на Светскиот економски форум се зборуваше за кризни сценарија. И, добро е што политичарите, претприемачите и сите останати сега може да дејствуваат брзо. Ако тоа не го сторат, на светот му се заканува најтешката криза по Втората светска војна.

DW Kommentatorenbild Manuela Kasper-Claridge
Мануела Каспер-Клериџ Главна уредничка на Дојче Веле@ManuelaKC