Да се задоволи правдата
17 ноември 2008„Размисливме многу внимателно пред да го покренеме овој случај, но не гледаме друг начин да се задоволи правдата и да ги заштитиме нашите права“, изјави шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски, објаснувајќи ги причините за покренувањето на постапката против Грција пред Меѓународниот суд на правдата.
Тој се надева дека овој чекор ќе ја поттикне Грција да ги усогласи своите постапки со нејзините меѓународни правни обврски. Постапката во Судот во Хаг треба да ги поттикне двете земји да постигнат конечно решение за нерешените прашања во духот на добрососедството и соработката предвидени со Времената спогодба, смета Милошоски.
Грција да ги почитува своите правни обврски
Инаку согласно членот 11 од спогодбата која Атина и Скопје ја потпишаа во 1995 година, Грција се обврза да не приговара на пријавата за членство на Македонија во НАТО. Меѓутоа, на Самитот на НАТО одржан во Букурешт во април 2008 година, Грција сепак го попречи приемот на Македонија во НАТО, со што флагрантно ги прекрши своите обврски од Времената спогодба.
Македонија ја покренува правната постапка пред Судот во Хаг, со цел да ѝ се наложи на Грција да ги почитува своите правни обврски предвидени во Времената спогодба од 13 септември 1995 година, која е обврзувачка за обете земји.
Спорот за името нема да се разгледува во Хаг
Министерот за надворешни работи Милошоски е уверен дека Меѓународниот суд на правдата ќе помогне да се реши овој правен спор, имајќи предвид дека Судот работи праведно и делотворно.
Според него, Македонија не бара од Судот да разгледува политички прашања, па затоа спорот околу името не е предмет предмет на постапката.
„Македонија ќе остане цврсто посветена на сите аспекти од Времената спогодба, особено на преговарачкиот процесот со Грција“, порача Милошоски.