1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДА за помошта за Грција, со 63 НЕ од ЦДУ

Зоран Јордановски/дпа/афп/ртре19 август 2015

Убедливо мнозинство пратеници во Бундестагот го поддржаа третиот пакет финансиска помош за Грција, но 131 во гласањето го искажаа своето несогласување.

https://p.dw.com/p/1GHkr
Фотографија: Reuters/A. Schmidt

Во германскиот парламент - Бундестагот денеска 453 пратеници го поддржаа владиниот предлог за давање согласност за третиот пакет финансиска помош за Грција во обем од 86 милијарди евра. Отпорите за третиот пакет беа изразени со 113 гласови против и 18 воздржани. Притоа дел од фракцијата на ЦДУ, партија на канцеларот Ангела Меркел, е вооопшто против натамошна помош за Грција. Денеска 63 пратеници од партиите на Унијата ЦДУ/ЦСУ кажаа НЕ, а тројца беа воздржани. Тоа е повеќе отколку при претходното гласање за почеток на преговори со Грција - во јули имаше 60 гласови против и пет воздржани. Фракцијата на Левицата, пак, ја поддржува владата на Сириза предводена од премиерот Алексис Ципрас, но е против условите кои и’ се наложени со договорот за пакетот за помош и затоа гласаше против. Кај владиниот коалиционен партнер СПД имаше само 4 гласови против.

Шанса за нов почеток, но нема гаранција дека ќе функционира

Во дебатата што му претходеше на гласањето, владата агитираше за давање согласност за договорот на кредиторите со Грција. „Со оглед на фактот дека грчкиот парламент веќе усвои голем дел од мерките, би било неодговорно сега да не се искористи шансата за нов почеток во Грција“ - нагласи германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле во владината изјава на вонредната пленарна седница на Бундестагот. Ако Атина опстои на нејзините спогодби и решително и целосно ја спроведе програмата, тогаш, според Шојбле, „грчкото стопанство во наредните години повторно ќе бележи пораст“. Се разбира, по искуството од изминатите месеци и години, „нема гаранција дека сето тоа ќе функционира и има место за сомнежи“. Дали ќе биде искористена шансата „решаваат исклучиво Грците“, рече Шојбле. Тој уште еднаш истакна оти е безусловно неопходно учеството на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во третиот пакет помош за Грција, но и дека е ограничен маневарскиот простор за натамошно олеснување на долговите“, што пак го бара ММФ како услов за негово приклучување кон овој пакет.

Deutschland Bundestag entscheidet über neue Griechenland-Hilfen
Криитики на сметка на владината политика во однос на ГрцијаФотографија: Reuters/A. Schmidt

Социјалдемократите, помалиот партнер во големата владина коалиција, оценија дека новиот пакет содржи „нов квалитет“ и претставува значителен напредок во однос на претходните. Шефот на фракцијата на СПД Томас Оперман во дебатата потенцира дека пакетот не е фиксиран само врз фискални цели за штедење, туку полага и врз „обнова на државата, економијата и општеството во Грција“. Оперман рече и дека за прв пат откако стапи на власт владата на Сириза, сега имал впечаток дека таа има волја да ги проведе реформите.

Опозицијата: пакет кој содржи многу илузии

Опозицијата и’ префрли на владата дека потфрлила во политиката спрема Грција. Германија досега во кризата не мораше да плати ни едно единствено евро, но кога во некој подоцнежен момент сепак ќе мора да плати, тоа ќе се должи на промашената политика, оцени Грегор Гизи, шеф на фракцијата на Паријата на левицата. Тој укажа дека Германија, поради сегашните ниски камати, според процени на експерти заштедила 100 милијарди евра, но тоа мораа да го платат штедачите со обезвреднувањето на нивните влогови. На кризните земји, според Гизи, мора да им се помогне за економска обнова.

Зелените се заложија за олеснување на долговите, а реформите да бидат така креирани, што грчката економија повторно ќе може да функционира. Антон Хофрајтер, шеф на фракцијата на Зелените во Бундестагот, оцени и дека „овој пакет содржи многу илузии“. Притоа ги наведе очекуваните 50 милијарди евра приход од приватизацијата на грчки државен имот: „Вие и самите знаете дека тоа никогаш нема да биде остварено“, им се обрати тој на пратениците од владината коалиција.