Хуманост, не само на празници
7 јануари 2015Тажната приказна на Андерсен за „Девојчето со кибритчиња“ во ова време на долга транзиција и во Македонија создаде редица слични приказни со и за луѓе кои живеат околу нас. Верувањето дека Македонците се издржлив, трпелив и снаодлив народ се’ уште важи. Наспроти гламурот во којшто живеат новопечени газди по улиците особено во Скопје и поголемите градови шетаат се поголем број тажните херои на ова време. Кој останал без работа, кому бизнисот му пропаднал, а има и такви кои останале без семејство и буквално на улица. Ги гледаме, ги препознаваме и пак не се предаваат. Некој го користи сопствениот талент и свири хармоника или гитара на некој уличен агол потпрен на ѕидот кој е студен камен, една жена ставила пред себе куќна вага и картонска кутија, се надева дека некој ќе и фрли барем денар. Долга е Старата чаршија во Охрид, посебно во лето врие од луѓе кои судбината ги натерала да смислат како да продолжат да живеат без да се предадат. Дел од нив и овие декемвриски денови се тука затскриени само северецот да не им го груби веќе лицето. Една девојка – продавачка во бутик вели гледам дека луѓето им помагаат на овие лица. Им подаваат пари,а почесто и храна. А од нивното лице се гледа ќе потече и по некоја солза.
Емпатија, способност да се почувствува потребата на другите
Психолозите , социјалните работници и експертите кои ја следат оваа област тврдат дека секој човек има нагон за да им помага на другите, кој помалку, кој повеќе, но сепак секој го чувствува тоа. Тоа се објаснува со чувството eмпатија. Тоа се дефинира како способност да се почувствува потребата на другите и соодветно да се реагира. „Емпатијата доаѓа до израз посебно во моменти на славење, како што е сега – доаѓаат празници, па сите се чувствуваат на некој начин радосни, а таа радост сакаат да ја споделат со другите. Но човекот е и горделиво суштество, па затоа понекогаш прифаќањето на таа помош им доаѓа како навреда на нивното достоинство. Затоа најчесто таа помош се изразува преку донации и организирање на различни манифестации, кои се насочени индиректно да им помогнат на тие на кои што им е најпотребно. Помагањето на тој начин ги задоволува и луѓето кои сакаат да помогнат, но и не го нарушува достоинството на тие на кои им треба помош. И јас сум била во ситуација да помагам на луѓе на кои што тоа им е потребно. Тоа е многу благородно чувство, вели Александра Џуклеска дипломиран психолог од Охрид.
Помагаат јавно, а безброј пати и без да знаат другите
Љупчо Патче сопственикот на ресторанот „Далга“ со години им помага на луѓето. Ретко зборува за тоа, освен кога медиумите ќе дознаат за неговите донации по охридските болници и одделенија. „Откако го поставив параклисот посветен на верскиот празник Вера,, Љуба, Нада и мајка им Софија кај Лагадин сите средства што се собираат од народот , пак одат за народот. Но еве првпат кажувам во ресторанот „Далга“ откако е отворен пред 20 години секојдневно доаѓаат да се хранат две лица од Охрид кои имаат пречки во развојот, кои ако не дојдат ни недостигаат.“
Неодамна во Охрид на иницијатива на култната кафетерија „Аквариус“ јавни личности од градот, политичари, професори и новинари два часа работеа како келнери и шанкери и приходот собран во тоа време отиде за помош на Дневниот центар „Зраци“во кој се згрижени деца со пречки во развојот од Охрид. Људмил Видически еден од сопствениците на кафето вели: „ Акцијата наиде на голем одзив.Граѓаните се тие кои ја поддржаа со испиениот пијалак. Ќе има и други вакви настани. Чувството да му се помогне некому е безгранично, прекрасно. Ние и без многу врева сме помагале луѓе , дури и без да ни побараат помош.“
Списокот на анонимните донатори е долг. Тие што вистински сакаат да подарат од срце не се сликаат за телевизиите, не зборуваат гласно за тоа., смета Димче Каневче претседател на невладиниот Младински совет од Охрид: „Време е на празници , подароци и покажување внимание. Во ред е, но мора ли тоа да се прави само за големите верски празници или пак Нова година. Тие луѓе кои се на маргините заслужуваат внимание секој ден и имаат потреба од помош секој ден. Тие се ЛУЃЕ секој ден. Нека размислат оние кои се грижат за нив, зошто ги избираат празниците за да ја покажат хуманоста и човечноста или да уживаат кога се сликаат и фалат по медиумите за добрината која ја сториле.“