1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчка криза: нова средба-ист резултат

Барбара Весел/ Ж. Ацеска 11 јуни 2015

Барањето решение за грчката криза продолжува. Средбата меѓу германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд и грчкиот премиер Алексис Ципрас сепак се одржа, но не дојде до некој пробив.

https://p.dw.com/p/1FfC7
Фотографија: Reuters

Кратко по полноќ, по речиси двочасовни разговори, заврши средбата меѓу Ангела Меркел, Франсоа Оланд и Алексис Ципрас. Повторната психолошка масажа за грчкиот премиер заврши нешто побрзо отколку при претходните „сеанси“.

Новинарите, кои чекаа со часови, мораа да се задоволат со неколку штури реченици: во конструктивна атмосфера била разгледана состојбата на преговорите меѓу грчката влада и трите институции. Понатаму - владее единство околу продолжување на разговорите меѓу грчката влада и трите институции со зголемен интензитет.

Со тоа вклучените во процесот го согледуваат се‘ поголемиот притисок. Притоа, невообичаено беше што грчкиот премиер, инаку расположен за давање информации, ја напушти зградата без коментар. Нагаѓањето околу можен пробив продолжува.

Ќе се преговара на друго место

Уште пред почетокот на средбата германската страна ги симна очекувањата: трилатералниот состанок е само размена на мислења, а не преговори. И Ангела Меркел укажа дека само институциите - групата доверители од ММФ, Европската централна банка и Европската комисија, може да најде официјално решение. Фактичката работа мора да биде завршена таму, истакна канцеларката.

Brüssel Celac Gipfel Angela Merkel und Alexis Tsipras
Ангела Меркел и Алексис ЦипрасФотографија: Reuters/Y. Herman

Во текот на денот на темата Грција постоеше вообичаениот цик-цак курс во информативната политика. Трилатерална средба ќе има ако Ципрас дојде со предлог. Потоа, беше речено, ќе се разговара меѓусебно во секој случај. Европејците, се чини, во меѓувреме ја копираат досега од Грците практикуваната игра со противречни најави.

Кујните со гласини вријат

Наместо официјални информации, во медиумите повремено беа присутни гласини. Во Њујорк, неколку часа пред средбата во Брисел, веста за наводно германско подалекусежно попуштање во бараната грчка реформска политика, предизвика дури и пораст на курсевите на пазарот на акции - малку подоцна германската влада го демантираше извештајот.

Истовремено, рејтинг агенцијата Стандард енд Пурс повторно ја симна оценката за Грција, зашто не се верува во одржливо решение на проблемот со долговите. Сега на финансиските пазари Атина е оддалечена само два поена од државен банкрот.

Но, напротив, одлуката на ЕЦБ на грчките банки да им стави на располагање 2,3 милијарди евра повеќе за итни потреби, кај набљудувачите се толкува како позитивен сигнал. Еврозоната сака по секоја цена да ја задржи Атина во заедничката валута. И самиот, инаку прилично скептичен шеф на Еврогрупата, Јерон Дијселблом, на маргините на посетата на Финска изјави дека е можно постигнување согласност во рок од неколку дена. Меѓутоа, до следниот состанок на министрите за финансии треба да се завршат некои работи.

Lettland Alexis Tsipras und Jean Claude Juncker in Riga
Алексис Ципрас и Жан-Клод Јункер -повторно „пријатели“Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Rousseau

Јункер и Ципрас и натаму „се пазарат“

На шефот на ЕК, Жан-Клод Јункер треба да му се заблагодари што Алексис Ципрас повторно покажува подготвеност, гласи интерпретацијата по кратката средба во четири очи на двајцата. Притоа Јункер се смирил со Гркот, кој претходно го нервираше со својата контрадикторност и променливост. Двајцата во текот на денот се состанаа за да ги продолжат преговорите.

И од грчка страна вредно се множеа гласини: Ципрас би бил подготвен да се согласи на бараниот примарен буџетски суфицит од 1 процент за оваа година. Остануваат две до три централни спорни точки кај реформата на пензискиот систем, данокот на додадена вредност и приватизацијата.

Медиумските извештаи од Атина исто така потврдија оти владата би сакала продолжување до напролет идната година на втората програма за финансиска помош, која истекува на крајот на јуни. Со тоа би била обезбедена среднорочно ликвидноста на земјата, зашто Грците на таков начин сакаат да добијат пристап до околу 11 милијарди евра од фондот за спас на банките и евентуално раздолжување од побарувањата на ЕЦБ. Така Атина би добила на среден рок извесен маневарски простор, иако вакво продолжување досега не беше тема на преговорите.

Наскоро ќе се покаже дали овие желби ќе ги минираат преговорите или ќе придонесат за решение на проблемот, ако Алексис Ципрас за возврат направи натамошни отстапки во реформите кои ги бараат доверителите.