1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: Со брод до банкомат

Јанис Пападимитриу / К.К.13 јули 2015

Во Грција недостасува готовина. Населението од некои острови мора да патува многу долго со брод за да ги подигне парите. Сопствениците на продавниците стравуваат за својата безбедност.

https://p.dw.com/p/1FwXi
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Baltagiannis

Продавачот на вино, Димитрис е загрижен. Покрај касата има се‘ поголем број сметки платени со кредитни картички. „Во текот на викендот една госпоѓа купи алкохолни пијалоци во вредност од 650 евра и плати со кредитна картичка. Сопственик на едно кафуле нарача вино во вредност од 350 евра и исто така плати со картичка“, вели Димитрис. Затоа што банките се затворени, а државата пред банкрот, тој стравува дека кога-тогаш ќе се распадне системот на плаќање со кредитни картички и дека сметките ќе му останат неплатени. Меѓутоа, Димитрис нема друг избор: „Итно ми се потребни клиенти“.

Во разговорот за Дојче Веле, Димитрис се потсетува на времињата кога неговите клиенти стоката ја плаќале во готовина и кога не размислувале дали да ги потрошат парите. Во Грција моментално недостига готовина откако Владата нареди да се затворат банките. Недостатокот од готовина за трговците со вино е двоен предизвик. Всушност, за сопствена заработка ќе мора да почекаат, а притоа мораат да плаќаат сметки на трговците на големо кои, сакајќи да избегнат секаков вид на ризик, стоката ја доставуваат откако ќе стигне уплатата. И тоа не е се‘: „Бидејќи трговците на големо штедат гориво, воведени се минимални количества на нарачки. Во спротивно, стоката едноставно не се испорачува“, вели Димитрис.

Дневно само 60 евра - ако имате среќа

Грчките банки се затворија на 28 јуни, откако последните шест месеци изгубија една четвртина од капиталот. Владата во Атина одговорноста за затворање на банките ја префрла на меѓународните кредитори, кои одбиваа да продолжат со финансиската поддршка на презадолжената земја. Премиерот Алексис Ципрас првобитно вети дека банките ќе се отворат по референдумот, но до тоа не дојде. Во понеделникот (06.07.) отворањето на банките е одложено за 48 часа, а во средата тој рок е поместен за до крајот на седмицата. До тогаш граѓаните на банкоматите дневно можат да подигнат најмногу 60 евра.

Во атинската населба Панграти, Марија пред филијалата на Алфа банка чека на своите 60 евра. Редот пред банкоматот не е долг. Можеби поради високите температури (35 степени). Марија сака да ја искористи приликата и подоцна да оди и до Националната грчка банка, во која исто така има сметка и од која може да подигне 60 евра. Меѓутоа, прво мора да подигне 60 евра на банкоматот на Алфа банка. Таа веќе знае дека тоа ќе бидат и помалку од 60 евра. „Кога на банкоматот ќе побараш 60 евра, добиваш информација дека бараната сума за жал не може да биде исплатена. После тоа, добиваш само 50 евра“, вели Марија. Која е причината? „Се зборува дека во оптек речиси веќе и да нема банкноти од по 10 евра. Поради тоа сумата не може да се исплати, односно наместо 60 евра, добиваш 50 евра. Не знаеме точно која е причината зошто се затворени банките и немаме кого да прашаме“, се жали педесетгодишна жена. Но, има и нешто полошо - неизвесноста: „Никој не знае како ќе се одвиваат работите и колку долго банките ќе бидат затворени. Можеби само три дена, можеби цел месец...“

Анда на тоа гледа поинаку: „Оптимист сум и и‘ верувам на нашата Влада“. Таа во редот чека трпеливо, скоро со насмевка. По професија е учителка и вели дека светот нема да пропадне ако банките бидат затворени неколку денови.

Griechenland Referendum Freude in Athen
Никој не знае како ќе биде натамуФотографија: Reuters/Y. Behrakis

Проблемот на населението на островите

Поради затворањето на банките на некои од грчките острови дојде до целосен застој на економскиот живот. Марија Какали, градоначалник на одалечениот остров Агиос Ефстратиос, во разговор за ТВ Скај зборува за апсурдното секојдневие: „На нашиот остров постои само една банка и таа моментално е затворена. Немаме ниту еден банкомат. Оној кој сака да ги подигне своите 60 евра, мора со брод да се вози два и пол часови до најблискиот остров Лемнос и таму да чека во редот“. Тоа практично изгледа вака: „Тука се собираат кредитните картички и оној кој патува на Лемнос ги подига парите за сите.“

Никој не знае како ќе биде натаму. Владата го негира пишувањето во медиумите за воведувањето на паралелни валути и за зајакнувањето на контролата на изнесување и преносот на готовината од земјата во странство. Веќе сега за пренос на пари од Грција е потребна дозвола од посебна комисија. Трговецот на вино, Димитрис во секој случај се надева на нормализирање на состојбата. Ако до тоа не дојде, тој се грижи за безбедноста: „Синоќа на соседната улица е разбиен киоск. Најверојатно крадците мислеле дека таму се скриени пари“.