Грција и натаму во кал до гуша
9 мај 2011Портпаролот на германската влада Штефен Зајберт го демантираше пишувањето на Шпигел од петокот, според кое грчката влада размислува за истапување од еврозоната како излез од должничката криза, што предизвика бранувања на девизните пазари. Зајберт дециден: „Ги имате веќе демантите од сите можни страни, пред се‘ од Грците, значи, сфатете ги сериозно. Информацијата на ’Шпигел’ нема ништо заедничко со европската реалност. За германската влада и натаму приоритет останува стабилноста на еврото“.
На викендот грчката влада демантираше какви било планови за напуштање на еврото и повторно воведување на драхмата. Министрите за финансии на Германија, Франција, Шпанија, Италија и Грција, како и шефот на Еврогрупата Жан Клод Јункер и шефот на Европската централна банка Жан Клод Трише, кои имаа ненајавена средба во Луксембург, исто демантираа дека разговарале за кризата во Грција.
Грчко истапување од еврозоната-најмало зло
Реномираниот германски економист Ханс Вернер Зин пак смета дека откажувањето на Грција од еврото би било најмалото зло. Раководителот на Минхенскиот Ифо институт го скицира следното сценарио: „Ако Грција истапи од еврозоната, може да изврши девалвација на својата валута и да стане поконкурентна“. Грчките стоки за извоз во таков случај би биле поефтини. Меѓутоа, Грција не е позната како голем извозник, што е веќе проблем. Освен тоа, напуштањето на еврото би значело големи потреси на финансиските пазари, јуриш на Грците во банките да ги подигнат своите пари, по што банките ќе пропаднат и ќе мора да бидат спасувани, и тоа од странство.
Реструктуирањето на долгот се чини неизбежно
Се чини дека најверојатно е реструктуирање на долговите. Факт е дека Грција и натаму има огромни финансиски проблеми, па се стравува дека милијарди тешкиот пакет за помош нема да биде доволен таа да се спаси од банкрот. Даночниот систем во земјата не функционира како што треба, а не напредува ниту приватизацијата на државните фирми. Сите очи се свртени кон 16 мај, кога се среќаваат министрите за финансии од земјите на еврозоната и тоа не тајно, за да се договорат дали ќе има потреба од нов пакет помош, како што пишува атинскиот весник „Та неа“. Во јуни потоа ММФ и ЕУ ќе извршат проверка за напредокот на реформите на Грција и ќе решат за исплатата на следната транша од пакетот за помош.
Автор: ЖА/АТ/ртре/ дпа/дв
Редактор: Борис Георгиевски