1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците одат да купуваат во Бугарија?

Александар Андреев/ Ж. Ацеска13 јули 2015

Многумина Грци, поради поповолните цени, купуваат во Бугарија, а свои седишта таму преместија и бројни грчки фирми. „Грекзит“ за соседната Бугарија не мора да има само негативни последици, сметаат бугарски експерти.

https://p.dw.com/p/1FwKW
Фотографија: picture-alliance/Ton Koene

„Често купуваме во Бугарија“, раскажува Деметра Апостолаки од грчкиот град Ксанти. Зашто, во Бугарија многу стоки се наполу поевтини отколку во Грција. Неодамна во Бугарија купила и некои лекови, кои во Грција веќе не може да се најдат, вели таа за весникот „24 часа“. Дури и бугарското Министерство за надворешни работи им советува на оние кои патуваат во Грција, да си купат залихи од лекови и бензин во Бугарија, поради оскудицата во соседната земја.

Грчката криза има различни влијанија врз прекуграничните бизниси меѓу Грција и Бугарија. Во последните недели бугарските медиуми постојано известуваат дека Грците од пограничниот регион доаѓаат да купуваат и да полнат бензин во Бугарија. Бугарските цени на прехранбените производи и бензинот се делумно до 30 проценти пониски отколку во од кризата потресуваната соседна земја.

Bulgarisch-griechische Grenze (Symbolbild)
Фотографија: BGNES

Поволни пластични операции и забарски услуги во Бугарија

Меѓу двете јужноевропски ЕУ-држави постојат интензивни деловни врски. Во последните десет години грчките претприемачи во Бугарија инвестирале околу 3,5 милијарди евра, со што Грција се наоѓа на трето место на најважните странски инвеститори во Бугарија. Околу 200.000 бугарски гастарбајтери и сезонски работници во Грција годишно во татковината донесуваат вкупно 50-60 милиони евра. Освен тоа, 40-50 проценти од бугарскиот извоз на енергија оди во Грција, а во Бугарија се пријавени 14.400 грчки фирми. Истовремено, многумина туристи од двете земји ја посетуваат соседната земја.

Бугарскиот туристички експерт Румен Драганов констатира дека многумина од 1,1 милион грчки туристи, кои годишно ја посетуваат Бугарија, патувањето го користат и за третмани кај забар и пластични операции. „Цените се два до трипати пониски отколку во Грција. Истото важи и за автомобилската бранша“, вели Драганов во разговор за Дојче веле. Грчките деловни луѓе од пограничниот регион и онака возат со автомобили со бугарски таблички. Причина: со тоа заштедуваат до 75 проценти на данок и трошоци за осигурување. Во разговор со Дојче веле бугарскиот економски консултант Владимир Попов тврди дури дека многумина Грци пријавуваат фирма во Бугарија само поради регистрацијата на автомобилот. Но, тоа не е единствената причина што Бугарија ја прави атрактивна за претприемачите: во земјата постои рамен данок од само десет проценти.

Pärchen Paar jung Jugendlich Flagge Bulgarien Fußgängerzone Spaziergang Geschäft Bummel
Фотографија: picture-alliance/Lehtikuva

Какви последици би имал „грекзит“ за Бугарија?

Од оваа причина бугарскиот вицепремиер Томислав Дончев дури смета оти „грекзит“ би имал и позитивни последици по Бугарија: „Поради одличните даночни услови и стабилната деловна клима во Бугарија во овој случај би била предизвикана засилена миграција на претпријатијата во нашата земја.“

А на таков начин Бугарија може да профитира.

Значи, ако во случај на „грекзит“ се‘ поголем број Грци ги трошат своите пари во Бугарија и во соседната земја ги пренесуваат делумно дури и своите даночни обврски, дали со тоа ќе ги намалат грчките даночни приходи? Не, не е толку едноставно, уверува економскиот експерт Мартин Владимиров во неделникот „Капитал“: „Не постојат непобитни анализи. Можно е дури капиталот да тече од Бугарија кон Грција.“

Освен тоа, Димитар Спасов, директор на „Кауфланд Бугарија“ не регистрира позначаен пораст на грчки муштерии во пограничниот регион. А туризмот бележи пад. Весникот „Волстрит журнал“ ги опишува проблемите на бугарскиот туристички центар Сандански: до пред кратко овде неделно доаѓаа по 150 автобуси со грчки туристи, денес само два до три. Во една тема сепак сите експерти се единствени: негативните влијанија на грчката криза во билатералните деловни односи севкупно земено се поголеми од позитивните.