1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците и натаму оптимистични за туризмот

Алекандра Козма/сн16 јули 2015

Несигурната ситуација во Грција, сѐ уште не му задава главоболки на тамошниот туристички сектор. Развојот на политичката ситуација меѓутоа во наредните денови и тоа како би можел да влијае и врз грчкиот туризам.

https://p.dw.com/p/1Fu34
Фотографија: Dimitris Koutoulas

Тешко е да се предвиди како ќе се развива туризмот во Грција наредните недели. Состојбата дополнително ја оптоваруваат контролите на протокот на капитал. Фотографиите на пензионери кои чекаат во долги редици пред банките го обиколија светот и не се добра реклама за грчкиот туризам. Сеедно, ни германските тур-оператори, а ни Грчкиот туристички сојуз не се песимистични. Сите зборуваат, досега барем, за добра туристичка година за Грција.

Сепак во изминатите денови е забележан пад на бројот на резервации, признава шефот на Туристичкото здружение на Грција, Андреас Андреадис: „До 20. јуни резервациите течеа нормално, имавме добра година и бевме на пат да ја надминеме бројката од 24 милиони туристи од минатата година. Од мината недела регистриравме дека бројот на резервации опадна за речиси 30 до 40 насто.“

Слична состојба опишува и Марио Кеперс, извршен директор на комуникации во ТУИ, германски пазарен лидер кога станува збор за патувања во Грција. Тој забележува дека туристите нема од што да се плашат во Грција. Неодамна, вели, и самиот бил на Крит, најголемиот грчки остров кој е цел на илјадници туристи, за да се информира на лице место. „Освен што на улиците жестоко се дебатира за иднината на Грција, се’ е нормално. Секојдневието тече нормално, а во туристичките населби и хотелите и онака ништо од тоа не ве оптоварува. Одморот се одвива нормално, во моментов е апсолутно обезбедено снабдувањето. Всушност сето е како и секогаш.“

Најголем непријател е...

Тоа сепак не може да се тврди за самите Грци. Домашните жители во моментов се наоѓааат во исклучително тешка ситуација, пришто неизвесноста е нивниот најголем непријател. Тоа го потврдува и Андреадис. „Луѓето прават се’ што е во нивна моќ, навистина е трогателно да се види како се обидуваат да ги задоволат туристите, за тие да не бидат оптоварени со нивните проблеми. Дури и ако Грците се загрижени за својата ситуација и состојбата во земјата, за посетителите нема никакви проблеми.“

Германските туристи не се плашат од сликите од Грција, барем не оние кои однапред го резервирале одморот. Нема откажувања на аранжамните поврзани со актуелната состојба во Грција, вели и Кеперс. Во Германија голем дел од туристите својот одмор го резервира паушално, и по неколку месеци пред заминувањето на пат. Токму како и Алисон Еркенс. 27-годишната девојка пред неколку месеци резервирала двонеделен хотелски престој со полупансион на островот Родос, заедно со нејзиното момче.

Иако во последниве денови вестите ги вознемириле, сепак не гледа причина да ја откаже резервацијата. „Никогаш порано не сме биле во Грција и нема сега да бараме игла во сено. Но сепак најпрво се загрижив малку, но и онака ќе земеме готовина со себе, никогаш на одмор не вадиме пари од банкомат, затоа и не се грижиме премногу.“ И Кеперс и Андреадис тврдат дека во моментов во Грција странските дебитни и кредитни картички функционираат без никакви ограничувања.

Touristen in Griechenland
Фотографија: picture alliance/AP Photo/M.Gambarini

„Заобиколно“ до Грција

Некои туристи во Грција пристигнуваат и по заобиколен пат. Многумина во меѓувреме го откажаа планираниот одмор во Тунис. Теористичкиот напад кој се случи пред десетина дена во летувалиштето Сус и во кој животот го загубија 38 лица, им влеа страв на многу туристи. И сега тие алтернатива бараат во други јужни земји. Меѓу останатото и во Грција. Многу германски тур-оператори како ТУИ им излегуваат пресрет на своите клиенти и бесплатно им нудат пребукирање.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема