1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски:Македонија реално не е проблем за ЕУ

17 октомври 2006

Германскиот дневен печат не и‘ посетува големо внимание на посетата на македонскиот премиер Никола Груевски на Германија. Само државната новинска агенција ДПА објави извештај за посетата, како и интервју со Груевски за англиското издание.

https://p.dw.com/p/Ae5a
Македонскиот премиер Никола Груевски по победата на изборите
Македонскиот премиер Никола Груевски по победата на изборитеФотографија: AP

Македонија сака да му се приклучи на НАТО до 2009-та и на ЕУ до 2013-та година – изјави премиерот Никола Груевски во интервјуто за германската новинска агенција ДПА. Тој очекува влез во НАТО на самитот во 2008-та и ефективно членство од 2009-та. Груевски ја повикува ЕУ идната година да одреди датум за почеток на преговорите, така што Македонија ќе може да оствари полноправно членство за шест до седум години. Македонскиот премиер признава дека неговите сограѓани и тој биле разочарани од негативното расположение во Унијата по прашањето на натамошното проширување. Тој истовремено нагласува дека Македонија со своите два милиона жители е премногу мала земја за да може да биде реален проблем за Унијата. Таа е помала од многу европски градови, како на пример Берлин со неговите 3,4 милиони.

Груевски во интервјуто за германската новинска агенција ДПА уште посочува дека сигурната перспектива за влез на Македонија во ЕУ и НАТО е од витална важност за обезбедувањето политичка стабилност во целиот балкански регион.

Германските весници денеска се занимаваат со една друга тема, имено со бурната јавна дебата околу сиромашните во земјата. Повод е студијата на Фондацијата Фридрих Еберт, според која 8% од германските граѓани му припаѓаат на талогот на општеството.

Весникот “Тагесшпигел“, што излегува во Берлин, оваа тема ја коментира на следниот начин:

“Има премногу луѓе кои веќе се помириле со нивната сиромаштија, вели шефот на социјалдемократите Курт Бек и посочува дека на многумина од нив им недостасува желба за напредување. И шефот на собраниската група на втората владеачка партија, христијанско демократската унија, Фолкер Каудер одеднаш откри дека има знаци на распаѓање во делови на општеството. Со исклучок на ретки политичари, речиси сите се сложни дека погодените лица од најнискиот социјален слој не се виновни за сопствената положба, карактеризирана со сиромаштија и резигнација. Тоа меѓутоа е лага!“

Угледниот “Франкфуртер Алгемајне“ гледа на проблемот на следниот начин:

“Прашање е како потонатиот слој граѓани повторно да најде приклучок кон шансите за подобро образование и подобар професионален живот. Доколку нивната резигнација е последица на фамозната агенда 2010, како што мисли дел од левото крило на социјалдемокртатите, тогаш проблемот би можел да се реши со нова прераспределба на богатството во земјата. Но, во таква бајка не верува дури ни фондацијата Ханс Беклер, блиска до здружението на синдикатите. Таа дојде и до заклучокот дека ниту една земја во ЕУ не издвојува толку многу средства за социјални давачки како Германија и истовремено постигнува толку лоши ефекти“ - нагласува “Франкфуртер алгемајне“.

Весникот “Абендцајтунг“ што излегува во Минхен проблемот го гледа токму на спротивната страна:

“Живееме во опкружување во кое разните топ менаџери се заинтересирани само за покачувањето на вредноста на акциите на претпријатијата што ги водат на берзите. Тоа се постигинува секогаш најдобро така што ќе се отпуштат работници. Со тоа меѓутоа им ја крадат иднината на десетици илјади луѓе. Во таа ситуација се поставува следното прашање: што е побесрамно? Кога менаџерите заедно со отпуштањето работници истовремено си ги зголемуваат личните приходи дури и за една третина? Или пак злоупотребувањето на социјалните давачки? Едно општество што стои исправено пред вакво прашање, всушност треба да се загрижи за оние кои треба да имаат функција на пример. Нашата криза не е криза ниту на најнискиот ниту пак на највисокиот слој во општеството – туку таа не‘ засега сите“ - тврди категорично весникот “Абендцајтунг“ што излегува во Минхен.