1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски со критики до Европа и повик до опозицијата

АМ/миа2 август 2014

Време е Европа да погледне со поголемо внимание кон нас и да ги оправда цитатите кои ги кажуваат нејзините лидери низ историјата. Проблемот на Македонија не е само наш проблем, порача македонскиот премиер Никола Груевски

https://p.dw.com/p/1Cnsi
Фотографија: MIA

Во говорот по повод 111 години од Илинденското востание и 70 години од АСНОМ, Груевски од кумановско Пелинце порача дека проблемот којшто го има Македонија е европски проблем. „Ако некој мисли дека со игнорирањето на овој проблем ќе се создаде решение, длабоко се лаже. Игнорирањето само помага проблемот да се зголемува и продлабочува. Европа не смее интересот да го става над принципите и над вредностите“, нагласи Груевски.

„Да се признае јавно од некои од нив дека треба да се преговара за името и за идентитетот, во ситуација кога да се негира нечиј идентитет е рамно на бришење на една нација, е погубно и само показател, колку рамнодушно или, пак, површно или неспремно се пристапува кон ова прашање. Спомнувањето на проблемот јавно не е доволно. Потребно е конкретно дело“, потенцираше Груевски.

Македонскиот премиер тврди дека државното раководство во земјата е подготвено за водење разговори и наоѓање решение. „Но, навистина е трагично како никој не може да ги убеди нашите соговорници да седнат на маса со нас, и колку тоа претпазливо и срамежливо го кажуваат, па како тоа се појавуваат некакви квази аргументи кои треба да ја покријат нивната немоќ да предизвикаат решение. Најлесно е очигледно да се купува време, затоа што времето е практично интересот“, рече Груевски.

Во својот говор премиерот потецираше дека Македонците зборуваат македонски јазик и имаат своја - автентична, македонска култура. „Да се молчи кога некој негира постоење на еден јазик, кој треба да се гледа како богатство, но никако како закана, е само уште еден показател за еден вредносен систем, кој е ставен пред сериозен тест. И, ова не го велам претенциозно, предимензионирајќи ги работите. Не. Ова го велам одговорно“, истакна премиерот Груевски во Пелинце.

Symbolbild EU Gipfel
Груевски побара европските функционери да ја притиснат Грција на разговориФотографија: picture-alliance/dpa

„И, немаме никакви претензии кон Грција или кој било друг наш сосед, ниту пак сакаме да наштетиме на кого било. Ние сакаме мир, сакаме слобода, сакаме просперитет на нашите граѓани. Ние сакаме правда“, рече премиерот прашувајќи: „За која слобода, правда и еднаквост ќе говорат тие, ако гледаат како јасно се негира нечија друга слобода, еднаквост и правда?“

Истовремено македонскиот премиер нагласи дека „Македонија има јасна стратешка зацртана цел: Членство во ЕУ и во НАТО“. „Кога ќе се појави проблем, потоа најлесно е да се впрегне машинеријата и да се обвини некој дека е виновен за проблемот. Тие никогаш и не се“, рече Груевски, мислејќи на меѓународната заедница, која според него не може да ги убеди Грците на директни преговори.

Повик за разговори до опозицијата

Груевски во говорот ја повика и опозицијата на разговори. „Немојте да им давате аргументи на сите оние кои ги бараат за да не‘ закочат. Ајде да седнеме и да разговараме отворено и директно како понатаму, поставете разумни барања, јас ветувам дека ние како гарнитура сме спремни да ги прифатиме“, и’ порача премиерот Груевски на опозицијата.

„Македонија има многу поголеми предизвици од дневнополитичките интереси на поединци или на некои групи, кои не можат да се помират со нивната позиција во општеството и кои срамно се поставуваат над се’. Нема да дозволам тие интереси да надвладеат“, рече Груевски.

Тој посочи дека на средбата со опозицијата кажал дека мора да има мостови меѓу власта и опозицијата и оти времињата не се воопшто едноставни за државата.

„Ако во нас има вина зошто се срушени, ние сме спремни да ја прифатиме нашата одговорност и да ги градиме повторно, но и тие да ја согледаат и испитаат сопствената улога и да помогнат во градењето на тие мостови. На граѓаните им е потребно тоа. На Македонија и е потребно тоа“, истакна Груевски.

Да не се злоупотребуваат меѓуетничките односи

Груевски ја искористи приликата да проговори и за меѓуетничките односи во земјата. Тој порача дека „иднината на Македонија е наша заедничка“.

„Нашите судбини се испреплетени без оглед на верата, етничката или политичка припадност. Го делиме и доброто и лошото, заедно ги доживуваме и радоста и тагата. Нека тоа дополнително не‘ сплоти, а таа сплотеност нека не‘ направи посилни“, им се обрати Груевски на тие кои на тест ги ставаат меѓуетничките односи. Тој вети сериозно посветување на ова прашање.

Mazedonien feiert den Nationalfeiertag
Премиерот изразува подготвеност за разговори и со опозицијата за нејзино враќање во парламентотФотографија: MIA

„Нема да дозволиме ситни провокатори кои одработуваат за туѓи или лични интереси, кои многу добро ги знаеме, многу добро, да потпалуваат и да и‘ наштетуваат на државата и на соживотот. Ова не е 2001., ниту пак може да биде. Немојте да злоупотребувате нешто што е вака сериозна и емотивна тема. Немојте да барате причини за создавање проблеми. Причини за проблем ако некој сака, секогаш може да најде или да измисли. Ајде заеднички да покажеме дека можеме да живееме сложно и со почит“, истакна Груевски.

Ние, нагласи премиерот, немаме резервна татковина и мора Македонија да ја градиме врз основа на вредности, принципи, почит и разбирање.

„Нашата цел е да се бориме со сета наша сила, која Бог ни ја дал, до последниот наш атом, зедно со сите вас, граѓани на Македонија, да создадеме подобар живот во нашата татковина“, рече Груевски и додаде:

„Ние не се откажуваме. Македонците не се народ кој се откажува. Не, Македонците се народ кој се бори, кој гризе и кој знае дека мора да се оди напред и ова е најдобриот ден да се потсетиме на тоа“.