1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски реди ветувања за да ја спаси власта!?

Костадин Делимитов18 декември 2015

Како наближува периодот за оставка на премиерот така се множат неговите ветувања. Иако не гледаат економска логика, експертите допрва очекуваат уште почудни дури и налудничави предлози со цел да се остане на власт!

https://p.dw.com/p/1HPc8
Фотографија: Reuters

Во изминатиов период јавноста се изнаслуша серија ветувања од разен аспект и за различни целни групи во општеството. Студенти, земјоделци, млади, невработени, сите се на „нишанот“ на премиерот Никола Груевски. На сите им ветува субвенции, поволности, бесплатни услуги, даночни олеснувања. Ваквиот агресивен предизборен маркетинг според упатените не е изненадување, посебно ако се има предвид начинот на кој што актуелната власт функционира веќе со години. Но сепак тајмингот, а и условите, пред се економски, во кои се користи ваквиот пропаганден вокабулар, кај добар дел од нив отвора и дилеми околу оправданоста но и логиката на ваквата стратегија:

„Ова што го слушаме мислам дека не е реално остварливо, но кога после 10 години владеење ќе се најдете во ситуација да ја изгубите власта тогаш сте подготвени да ветите сѐ. Тука не се работи за одговорност или неодговорност. Кога знаеме дека се задолжуваат стотици милиони евра само за плати, нормално е дека тие прават анализи, а за тоа ги бива, што ќе им донесат ваквите ветувања. Но внимавајте нив воопшто не им е важно друго, важно им е да дојдат до гласови, тие ќе го ветат тоа или ова и да има или не економска логика. Со тоа ние одамна сме скарани. Па кажете ми на пример каква е логиката да имаме вработени а да не одат на работа, овие „дуаџии“ што ги имаме во администрацијата. Затоа не барајте логика, барајте популизам, а за тоа сме врвни мајстори“, коментира за Дојче веле политичкиот аналитичар Зоран Витанов.

Ваквата состојба на евидентен политички клиентелизам, или обид за предизборен поткуп според Витанов допрва ќе добие на интензитет:

„Верувам дека тие тоа ќе продолжат да го прават и ќе има уште поголеми ветувања, чудни па дури и налудничави. Но на крајот на краиштата не се тие виновни, нашиот народ по се изгледа се` уште го нема допрено дното и се` уште сака да слуша бајки, не е во допир со реалноста, се лепат на бајки. Еве погледнете ги само пензионерите, внимавајте, нивниот лидер во име на пензионерите го поддржува премиерот што го задолжува внукот! Мислам дека овие дијагнози не се за економска логика туку за психијатри, би се девалвирала економската професија ако се обидувам да дадам економска логика на ова. Самиот министер за финансии како што слушнавме од овие телефонски разговори јасно ни кажува дека се лудаци, за мене па тој е најголемиот лудак што е свесен, замислете до каде е влезен тој и колку е заглавен што и покрај тоа што го кажува се` уште останува таму. Многу е забраздена длабоко работата за да не го прават тоа. Дури кога еден ден ќе излезат од власт, а еден ден ќе дојде тоа, дури тогаш ќе сфатиме колку е очајна состојбата. Но тоа е за жал она што ни се случува кај нас, ние воопшто не разговараме за задрава економска програма. Ниту опозицијата. Се додека и од нејзе не видиме здрава економска програма со која на пример ќе избркаат 100,000 административци јас лично не гледам зошто би гласал и за нив. Тука е трагедијата и тука е замката во која што сме сите што не сме политички определени во оваа земја“, коментира Витанов.

Каде ќе се најдат пари за ветувањата?

Дел од економистите пак се воздржуваат од коментари, барем јавно, бидејќи не сакаат да влезат во дневно политиканство. Но велат ќе биде интересно да се види како и од каде ќе се најдат парите за реализација на ваквите ветувања :

„Во отсуство на детална анализа за она што се вика трошење во буџетот би било несериозно, односно чисто политиканство да се коментираат ваквите најави односно ветувања на премиерот. Со оглед дека станува збор за привилегии кои во најголем дел ќе го оптоварат буџетот за 2016 година, а со оглед дека тој е веќе донесен, ќе биде интересно да се направат анализи на трошењата. Се надевам дека тоа ќе бидеме во можност и да го направиме, секако доколку се биде транспарентно и детално наведено што досега не беше случај“, коментира за Дојче веле универзитетски професор.

Mazedonien Bankautomat Geld abheben
Политичкиот клиентелизам допрва ќе добива на интензитет, велат експертите.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Политичките аналитичари пак во стратегијата препознаваат класичен клиентелизам, кој стана традиција во Македонија:


„Во предизборниот период, секогаш фаќа условно речена инфлација на политички ветувања и очекувања. Клиентелизмот како доминантна идеологија на македонската политичка сцена, прави и политичарите, но и гласачите да тргуваат со политичката поддршка. Затоа, и политичарите ги зголемуваат своите ветувања, но и гласачите своите барања, пред избори. Ова е комбинација на политички ПР, стратегија, лицитација за гласови“, смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Куќи за младите

Како последно премиерот Никола Груевски најави мега проект „Купи куќа за младите“. Станува збор за владина поддршка која предвидува 100% покривање на учеството за кредит за изградба, купување или реновирање на куќа, или покривање на 80% на месечната рата во првите осум, плус дополнително по 50% во наредните три години. Опозицијата реагира дека нема да го реши проблемот на домување на младите во Македонија:

„Прво со проектот Купи куќа купи стан за 4 години субвенции добиле само 728 семејства (во вкупна висина од 4,7 милиони евра). Сега мерката е ограничена само на куќа и има ограничување на возраста, што значи дека бројот на потенцијалните семејства е значајно помал. Второ, главен проблем на младите е невработеноста. Оваа мерка воопшто нема да им помогне на младите кои се невработени, бидејќи тие не можат да подигнат кредит. Трето, реализацијата на мерката се предвидува да почне од февруари што значи дека власта или има проблем со финансирањето или главна цел на мерката е да послужи за изборите. За да се решат проблемите на младите не е доволна само една мерка. Потребен е системски пристап, кој би вклучувал траснпарентност во трошењата на парите на граѓаните преку државниот буџет, промени во системот на даноците и социјалните трансфери во насока на обезбедување на праведност, сериозна државна поддршка за домашни претпријатија кои ќе обезбедуваат пристојни работни места за младите и слично“, изјави за Дојче веле Драган Тевдоски, претседател на комисијата за економија во СДСМ.

Со проектот Купи куќа за млади до 35 години според Груевски се става фокус на дополнителна поддршка на градежништвото што ќе придонесе за поголема профитабилност на градежните компании и нови работни места во градежниот сектор. Дополнително се дава поддршка и на домашните економски субјекти кои произведуваат основен и помошен материјал за изградба, како и оние кои вршат производство за ентериерно и екстериерно уредување на куќите. Дополнително и поддршка за раст на наталитетот оти како што вели Груевски било докажано дека куќата како живеалиште е својствена за повеќедетни семејства поради можноста за доградби и надградби, а можноста за надградби и проширување на куќа е можност и за проширување на семејство.