1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: „Нема да дозволиме да бидеме уценети“

1 април 2009

НАТО неделава ќе го слави 60-от роденден. „Македонија тропа на вратата“, вели весникот „Ди велт“ во насловот на гостинскиот коментар, чиј автор е премиерот на Македонија Никола Груевски.

https://p.dw.com/p/HOHs
Премиерот на Македонија Никола Груевски на една средба со генералниот секретар на НАТО, Јаап де Хоп Шефер (архивска фотографија)Фотографија: DW

„Нашите пријатели, Хрватите и Албанците, ќе и’ пристапат на таа величествена Алијанса. Се радуваме со нив, но ние Македонците сме разочарани, оти не можеме да бидеме со нив“, вели Груевски и образложува: „Македонија, како и тие, ги исполни сите услови за членство во НАТО. Ние за нашето место во Сојузот работевме дури и понапорно од другите, на пример со нашата постојана поддршка на НАТО во косовската криза. Нашите трупи се силно ангажирани во Авганистан, ние бевме во Ирак“.

Груевски потоа се задржува на спорот со името, поради кој Грција на самитот во Букурешт го спречи приемот на Македонија, за да укаже: „Во тој несреќен спор ние, заедно со преговарачот од ОН Метју Нимиц, сме подготвени и натаму на разговори. Но, ние Македонците нема да дозволиме да бидеме уценети. Ние го променивме нашето знаме и уставот за да и’ излеземе во пресрет на грчката загриженост. Но, има ли туѓа сила право да и’ пропише на Македонија како сака да биде именувана во контакти со трети држави? Во тоа не верувам. Поради тоа апелирам кај нашиот сосед, Грција да го исполни свеченото ветување од Привремената спогодба од 1995 и понатаму да не го блокира приемот на Македонија во НАТО и во ЕУ. Освен тоа, молам да ги удвоиме нашите напори за да го решиме спорот со посредство на ОН“, вели македонскиот премиер Никола Груевски на крајот од текстот објавен во весникот „Ди велт“.

Logo: Die Welt, Zeitung


Автор: Никола Груевски - за „Ди велт“ / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска