1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грекзит: Хорор сценарио или олеснување

СН/дпа/афп28 јуни 2015

Реакциите во Германија по пропаѓањето на преговорите за помошта за Грција се разликуваат по линија на политичкиот спектар. Опозицијата е против грекзит, а некои од власта изгледа едвај чекаат да дојде до тоа.

https://p.dw.com/p/1FoZK
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер е вчудовиден од „цик-цак“ курсот на грчката влада при преговорите со меѓународните доверителу. „Цик-цак курсот на грчката влада во последните часови и денови, предизвикува вчудовиденост“, изјави Штајнмајер за „Велт ам Зонтаг“.

„Доверителите со многу добра волја најдоа компромис за излез од кризата. Не разбирам како една избрана грчка влада на својот народ му препорачува да го отфрли европскиот предлог“, порача германскиот министер.

Грчките граѓани во заложништво

Тој ја обвини владата во Атина дека ги држи во заложништво своите граѓани за да „издејствува натамошни концесии од Европа“. „ Грчката влада мора да преземе одговорност за судбината на нејзиниот народ и не смее и натаму да потхранува илузии“, изјави Штајнмаер, кој доаѓа од редовите на владејачката Социјалдемократска партија (СПД). Претседателот на СПД, и министер за економија на Германија, Зигмар Габриел пак поради грчката криза кусо пред полетувањето ја откажа својата за денеска планирана посета на Израел.

Кај поголемиот коалициски партнер во германската влада- партиите на Унијата - изгледа дека некои како да не можат да го дочекаат банкротот на Грција. Ханс Михелбах од Христијанско социјалната унија (ЦСУ) побара веднаш да бидат запрени итните кредити ЕЛА на Европската Централна Банка за Грција. „Со крајот на натамошната помош во случајот на Грција непосредно претстои банкрот“, изјави Михелбах. Според него ЕЦБ не смее да и дава нови кредити на Грција: „За да се спречи целосен крах на грчкиот банкарски систем, мора да се воведат остри контроли на прометот на пазарот на капитал“ побара Михелбах.

Symbolbild Griechenland Deutschland Varoufakis Schäuble
Министрите за финансии на Германија и на Грција, Волфганг Шојблеи Јанис ВаруфакисФотографија: Odd Andersen/AFP/Getty Images

Грција во наредните денови ќе биде во големи маки, изјави германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле кој доаѓа од редовите на Христијанско демократската унија (ЦДУ) на канцеларката Меркел. Шојбле додаде дека еврозоната ќе стори сѐ за да се елиминира каков било ризик од финансиска зараза и каква било загриженост на финансиските пазари.
„Грција е членка на еврозоната и ние сме се подготвени да направиме се што можеме да и помогне на земјата во оваа тешка фаза“, истакна германскиот министер синоќа по вториот состанок на еврогрупата во Брисел кој се одржа без Грција.

Меркел на потег

Од другастрана за опозициските партии во Бундестагот можното излегување на Грција од еврозоната е хорор-сценарио. Тие сметаат дека сега канцеларката Ангела Меркел е обврзана да дејствува: „ Меркел мора да интервенира, Судбината на Европа е во нејзини раце. Таканаречената програма за помош мора да биде продолжена за една недела“, побара раководството на партијата на Левицата во соопштение.

Претседателката на партијата на Зелените Симоне Петер пак изјави дека е неодговорно во овие одлучувачки моменти за Европа една таква важна одлука да ѝ биде препуштена само на Еврогрупата: „Каде се европските шефови на држави или на влади, пред сѐ Ангела Меркел да се заложат за останување на Грција во еврозоната а со тоа и за Европа?“, праша Петер. Претседателот на пратеничката група на Зелените во Бундестагот, Антон Хофрајтер пак говореше за апсолутно неодговорно однесување, ако Грција излезе од еврозоната „Тоа ќе има ужасни економски последици за остатокот од Европа и остатокот од светот“, изјави Хофрајтер.