1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓаните се сити од празни зборови во амбалажа на лажен патриотизам

Свето Тоевски11 април 2014

Партиите на Албанците во РМ во програмите за парламентарните избори ги маргинализираа прашањата од економијата, социјалата, развојот. Зошто се повторно пренагласени етнички прашања? Експертите пробуваат да дадат одговор.

https://p.dw.com/p/1Bg7P
Фотографија: Petr Stojanovski

Во текот на кампањата за годинашниве предвремени парламентарни избори во Македонија политичките партии во албанскиот блок во своите изборни програми и платформи повторно се фокусираат на теми како и на претходните вакви избори. Колку горливите социоекономски проблеми и прашањата на развојот и на функционирањето на стопанството са присутни во тие нивни програми? Ова прашање Дојче веле им го постави на дел од реномираните политички експерти и аналитичари од редовите на оваа етничка заедница во земјата.

Мерсел Биљали, професор од Правниот факултет на ФОН Униерзитетот во Скопје и политички аналитичар, одговара: „Кампањата што ја водат главните македонски партии неминовно се одразува и во албанскиот политички блок. Тешко е таа да се третира изолирано.Најголемата македонска партија на власт ВМРО ДПМНЕ стартуваше со една многу националистичка реторика и со барање да освои број на пратеници за да ги елиминира можните политички комбинации на партиите на етничките Албанци. Ова се одразува неминовно и врз албанскиот политички блок: некаков одбранбен став со етнички елемент зазема и најголемата албанска партија ДУИ, но, таа успева да се држи умерено од тој аспект. Другата албанска партија за сето време глуми национализам, иако е познато дека таа е во постојана комуникација со ВМРО ДПМНЕ, ’продавајќи' некаков албански патриотизам. Се очекуваше економско – социјалниот сегмент да задобие поголема тежина кај ДУИ, но, тоа не се случува. Во албанскиот кампус премалку се зборува за економија, социјала, за инвестиции и редица слични прашања.“

Mazedonien Wahlen
Обичниот граѓанин, без оглед дали е Македонец или Албанец, ќе треба да бара решавање конкретни прашања, нагласува БиљалиФотографија: DW/Stojanovski

Етнички акцент поради нерешени прашања

Неговиот колега од истиот факултет и политички аналитичар Осман Кадриу се надоврзува: „Кај Демократската унија за интеграција се нагласува националниот елемент, што значи дека тие и натаму ќе се ангажираат за политичко, уставно и правно унапредување на албанската етничка заедница во Македонија за сите оние прашања, кои се белег на една етничка заедница, а кои се‘ уште не се решени, како што се прашањата на јазикот, етничката застапеност и така натаму. Вториот комплекс на прашања кои ги споменува ДУИ се општодржавните интереси на Македонија, а тука на прво место се нагласуваат интегративните процеси. Кај ДПА и „Албанската национална преродба“, партијата на Руфи Османи, повеќе се забележуваат нагласените елементи со карактеристики на националните права на албанското население во земјата. Битно е да се акцентира како заеднички именител во сите политички партии од албанскиот блок тоа дека како да се пренагласува прашањето на националните права и статусот на Албанците и сите оние права кои и‘ припаѓаат на албанската заедница во Македонија. Ова би требало да се сфати и да се прифати како нормална определба во услови кога од почетокот на транзицијата во земјата започнаа да се формираат политичките партии врз основа на етничката припадност, што не требаше да се случи, но, се случи. При постоење ваква околност, значи, не е случајно што во политичките програми на албанските партии било да е за парламентарните, претседателските и локалните избори се нагласуваат во тие програми прашањата од национална порирода, кои ги засегаат Албанците во Македонија.“

Präsidentschaftswahlen in Mazedonien
Кај Демократската унија за интеграција се нагласува националниот елемент, оценува КадируФотографија: Petr Stojanovski

Професорот од Правниот факулет во државниот универзитет во Тетово Мерсим Максути смета дека етничките теми доминираат во кампањата на албанските партии, поради нерешавањето на тие прашања: „Македонските политички партии, главно, презентираат ставови како да се развива економскиот процес во земјата, додека албанскиот блок ја води кампањата се‘ уште врз етничка основа, затоа што Албанците се‘ уште не ги имаат реализирано своите национални права во државата. Сепак, во кампањата за овие избори и на македонските и на албанските партии главното оружје им е ’етничката карта’, а тоа е штетно за државата, особено за владеачките партии. Во кампањата која ја водат врз етничка основа тие се натпреваруваат кој повеќе ќе нападне, а всушност кога ќе формираат влада по изборите сето тоа го забораваат и потоа јасно се согледува дека сето тоа го прават само заради добивање политички поени. Албанците се‘ уште не ги имаат добиено етничките и политичките права и затоа во изборната кампања кај албанските партии овие прашања се поприсутни одошто економските прашања. Вака ќе биде и натаму се‘ додека Албанците не станат рамноправни точно колку и Македонците.“

Menduh Taci
Кај ДПА повеќе се забележуваат нагласените елементи со карактеристики на националните права на албанското население, додава КадриуФотографија: DW

Со етнички теми полесно до гласови

Не еднаш во општествената јавност во државата можело да се чуе дека токму истакнувањето на етничките прашања во изборните кампањи е следено со обиди за манипулација со таквите теми. Покрај другото, на тоа предупредува и независниот политички аналитичар Ибрахим Мехмети, кој вели: „Генерално, економските теми се во втор план, бидејќи за нив се потребни поголеми подготовки во партиите. Со повторување на темите од етнички карактер партиите се обидуваат на полесен начин на дојдат до поголем рејтинг и подобри изборни резултати. Граѓаните се‘ помалку ги прифаќаат ваквите ветувања како клучни и бараат поголемо обрнување на решавањето на реалните проблеми, кои се запоставени поради темите од етнички карактер, а кои, исто така, не се исполнуваат, но, за нив се даваат некакви оправдувања: етничките теми се многу лесни за манипулирање, што го користат сите политички партии. Партиските кампањи се значително агресивни и со нив се убедуваат граѓаните во нешто што можеби не е реално да се очекува. Ако се гледаат резултатите од излезноста на бирачките места на претходните избори, видливо е дека тој број кај Албанците опаѓа постојано. Очигледно, веќе имаме незадоволство од понудата на политичките партии, а ова се случува и кај Македонците.“

Parlamentswahlen in Mazedonien
Фотографија: picture-alliance / dpa

Професорот Биљали посочува дека „треба да почне да созрева сериозна политичка култура“, конкретизирајќи: „Обичниот граѓанин, без оглед дали е Македонец или Албанец, ќе треба да бара решавање конкретни прашања: ’Каде ќе бидам јас?’, ’Каков е мојот социоекономски статус, каде се инфраструктурата и развојот?’. Тоа граѓаните треба да го бараат од нивните политички претставници и од партиите, а не да ’купуваат’ од нив патриотизам. Нема логика граѓаните да очекуваат празни зборови, кои вешто се ’амбалажираат’ во некаков лажен патриотизам како замена на важните компоненти, меѓу кои и развојот. Медиумите и аналитичарите имаат обврска да ги насочуваат луѓето кои се нивните реални потреби, за да не бидат овие подложни на манипулациите од политичарите, зашто 25 години нив ги мамат со некаков лажен патриотизам.“

Tetovo
Програмите на политичките партии не ги отсликуваат реалните проблеми на граѓаните, вели ЗенуниФотографија: DW

Професорот Кадриу дополнува: „Поголемиот дел од граѓаните гледаат со песимизам на понудата на политичките партии, најмногу се загрижени поради фактот што социоекономските проблеми не се истакнуваат, или ако се нагласуваат тоа се прави само декларативно, без да се нудат конкретни излезни решенија за тие проблеми, за да имаме една здрава економија, една основана социјална правда во општеството. Граѓаните повеќе и не им веруваат на овие ветувања и на македонските и на албанските политички партии. Маргинализирањето на прашањата, кои се однесуваат на економската и социјалната област ќе има влијание врз гласачите, како тие ќе го искористат нивното право да излезат и да гласаат.“

Веќе видено

Во врска со карактеристиките и содржините на програмите на албанските партии за овие парламентарни избори еве што ни изјавија и дел од припадниците на интелигенцијата од овој етникум во земјата:

Линдита Кадриу, професорка на Штуловиот универзитет во Тетово: „Не ја следам кампањата на политичките партии, ниту една минута не сум издвоила за тоа. Особено годинава имам кренато ’гард’ кон партиите. Има толку многу поубави работи во животот.“;

Вулнет Зенуни, активист од невладиниот сектор од тетовско: „Програмите на политичките партии не ги отсликуваат реалните проблеми на граѓаните, не се опфатени економските проблеми. Албанските и другите партии всушност само се препукуваат меѓу себе и се караат кој колку повеќе ќе освои пратенички места во Парламентот и министерски места во Владата.“;

Џабир Ахмети, писател од Скопје: „Се‘ е веќе видено, не очекувам ништо посебно. Се‘ е кавга околу тоа кој ќе ја освои власта. Во програмите не е обрнато внимание на проблемите на стопанството, на животните прашања на граѓаните.“