Говор на омраза на Балканот
24 февруари 2017За мнозинството навивачи на хрватскиот фудбалски првак Динамо од Загреб, шефот на клубот Здравко Мамиќ е најомразената личност. Особено го мразат загребските Бед Блу Бојс кои го обвинуваат дека го „присвоил“ клубот за да го води како семејна фирма и го користи како приватна машина за производство на пари.
Таа омраза и гнев избиваат на површина со бројни графити: пораки како „Мамиќ, мајмуне!“ или „Мамиќ, педер!“. Кога е некој навистина вон себе од бес му пишува: „Мамиќ, циган“. А на некои ни тоа не им е доволно, па се користи навредливиот „суперлатив“- „Мамиќ, Србине!“
Враќање во реалноста
Тоа само по себе не е ништо ново, вели Цвијета Сента, активистка на Центарот за мировни студии од Загреб: сексистичките, расистички и националистички пцовки и навреди одамна се дел од секојдневието во најмладата членка на ЕУ. Порано, додуша, таквите изрази и навредлив јазик повеќе се користеа во приватната сфера.
„Она што е ново последниве години“, вели Сента, „е начинот на кој со јазикот во јавноста се служат политичарите и другите јавни личности, Во тој поглед, како што изгледа, е пробиена една бариера“. Јазикот со кој се опсипуваат политичките противници и оние кои мислат поинаку е невоздржан, хушкачки и дискредитирачки и тоа, како што изгледа, станува нормално, вели Сента.
Феноменот не е ограничен само на Хрватска. На целиот Западен Балкан дискриминаторскиот и навредлив јазик, кој и онака веќе беше присутен, продре во сите области на јавниот живот. На фудбалскиот натпревар меѓу белградските ривали Партизан и Рад неодамна, играчот на Партизан Евертон Луиз 90 минути беше навредуван, меѓудругото, со мајмунски извици и транспаренти. Кога заврши натпреварот, лицето на овој 28-годишен фудбалер од Бразил беше облеано со солзи. Навредите не беа изненадување за никого: тренерот на Партизан Марко Николиќ по натпреварот резигнирано констатираше: „Ова е враќање во реалноста на српскиот фудбал“.
Феноменот не е ограничен само на фудбалската сцена. Пред извесно време, оскаровецот Џејми Фокс беше вербално нападнат во еден ресторан во Дубровник од двајца мажи, само поради неговата боја на кожата.
Европски тренд
Навредливиот јазик на јавните места, без разлика дали е насочен против сексуалните или етничките малцинства, на Западниот Балкан има традиција, но во моментов зема се поголем замав, вели Јохана Дајмел од минхенското Друтшво за југоисточна Европа. „Тоа има врска со фактот дека и покрај процесот на приближување кон ЕУ, земјите од Западниот Балкан сѐ уште не мрднале многу во спроведувањето на принципите на правна држава и демократија“. Луѓето се фрустрирани поради слабеењето на перспективата за пристап кон ЕУ, економската состојба честопати е безизлезна и нервозата во општеството е сѐ поголема. Една од последиците: „Во медиумите се шири неконтролиран говор на омраза кој не се санкционира“, вели Дајмел.
Тоа добро се вклопува во европскиот тренд, затоа што и во другите земји на ЕУ, Франција, Унгарија, Полска или Холандија, вртењето в десно ги доведува во прашање либералните демократии, национализмот зајакнува, а сѐ поприсутни се слоганите за наводно декадентниот Запад. „И на Западниот Балкан таквите гледишта имаат сѐ повеќе приврзаници“, вели Дајмел.
Беспомошни против омразата
Активистката Сента вели дека државните институции се еднакво одговорни за ваквиот развој на настаните. И покрај законите во кои ваквите напади се карактеризираат како кривични дела, санкции речиси и да нема. Граѓанското општество не сака да ги прифати ваквите појави: бројни невладини организации од целиот регион се ангажираат во борбата против злосторствата од омраза и ги пријавуваат до властите. Но често, токму овие активисти се маргинализираат или и самите се мета на напад. Активистите за човекови права добиваат важна поддршка од странство, особено од ЕУ. Слабеењето на перспективата за членство ја слабее и можноста за влијание, вели Сента. „Без контрола однадвор, исчезнува принудата да се смени однесувањето“. И така, често под маската на култивирано однесување, на површина избива грдото лице на сексизмот и расизмот.