1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германско-француски јаз поради Грција

ЖА/ртре12 јули 2015

Германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Оланд ја истакнуваат важноста на меѓусебен договор во грчката криза. Но, во однос на новата помош, се шират и пукнатините меѓу двете најголеми европски економии.

https://p.dw.com/p/1FxUG
Фотографија: AP

Јазот меѓу Германија и Франција беше посебно воочлив на средбата на министрите за финансии од еврозоната вчера во Брисел.

Францускиот министер за финансии Мишел Сапи, според извори од кругот на учесниците, бил релативно осамен со своето барање за почеток на преговори за третиот пакет финансиска помош преку европскиот чадор за спас на еврото, ЕМС. Притоа, истиот став го делел и францускиот еврокомесар Пјер Московиси. Францускиот претседател Франсоа Оланд во петокот прв ги пофали грчките реформски предлози како „сериозни“. „Никакво чудо“, велат подбивно во Еврогрупата: Французите им помагале на Грците при срочувањето на барањето за помош до ЕМС.

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, напротив, се наоѓа во мнозинската група евроземји, кои од Грција претходно бараат поголеми реформски ветувања и гаранции. Тоа го покажува и документот на Министерството за финансии за двете опции за Грција (поопширни реформи или привремен грекзит за период од пет години). Германската влада не е одушевена од досегашните предлози од Грција, зашто владата од Атина сега ги нуди речиси идентичните реформи кои институциите ги предложија како услов за четиримесечно продолжување на вториот пакет финансиска поддршка. Но, сега станува збор за трет пакет помош за три години, со кредитен волумен од над 82 милијарди евра. Во Франција пак, секоја шпекулација околу грекзит се смета за опасна.

Различно расположение во јавноста

Една причина за разликите е што Меркел и Оланд, според информациите на владини претставници од двете земји, мора да имаат обѕир кон јавното мислење во своите држави. Во Франција кај владејачките социјалисти е силно заземањето за солидарност со Грција. Од Оланд се очекува да направи се‘ за Грција да остане во еврозоната. Најновите анкети на јавното мислење меѓутоа покажуваат растеж на задршките кај француското население кон преголема помош.

Во Германија, напротив, владее критика. Во анкетите мнозинството граѓани одбива натамошна помош за Грција. И булеварскиот весник „Билд“ создава негативно расположение. Колкаво е тоа барометар е и промената на тонот на шефот на СПД, Зигмар Габриел. По почетното разбирање, шефот на социјалдемократите ја предупреди владата во Атина да не се надева својата политика да ја финансира со пари од германските граѓани-даночни обврзници.

Frankreich - Krisentreffen Griechenland Angela Merkel und Francois Hollande
Фотографија: Getty Images/B. Guay

Различни постапки за согласност

Во Германија и во Франција се разликуваат и постапките за согласност. Оланд нема никаков проблем да се избори за натамошна помош преку Парламентот, кој и онака има ограничени права. Но, Бундестагот во Германија уште при гласањата за претходните пакети финансиска помош и‘ приреди непријатности на владата. Бидејќи е можно новиот пакет да се одвива преку спасувачкиот чадор ЕМС, важат заострени правила: Меркел и министерот за финансии Шојбле треба да добијат мандат од Бундестагот за воопшто да може да преговараат околу ЕМС-пакет. Самото тоа изискува вонредна седница на Бундестагот, кој си го задржува правото да одбие договор меѓу евро-земјите. Бидејќи во нивната сопствена пратеничак група има многумина критичари, Меркел и Шојбле мора да приложат доказ дека преговарале многу упорно и непопустливо.

Различни финансиски филозофии

Во дебатата околу олеснувања на долгот на Грција, се покажаа и различните финансиски стојалишта. Франција, со оглед и на своето растечко население и својата прилично интервенционистичка политика, има помалку проблеми со државните долгови. Во Германија, големата коалиција се чука во гради што вторпат по ред постигнува „црна нула“ во сојузниот буџет, односно, успева без нови задолжувања. Социјалистичката влада во Париз е горда што во 2014 година го потисна буџетскиот дефицит на четири проценти.

Мнизинството француски економисти и политичари и онака е скептично кон фискалната консолидација во еврозоната, протежирана од Германија. Затоа, во владини кругови во Париз помалку критички се гледа на делумно отпишување долгови на Грција, отколку во Берлин. Францускиот министер за финансии вчера изјави дека простување долгови нема да има, поради тоа што за многу евро-земји тоа е црвената линија. А дека тоа не важи за Франција, важи за очигледно.