1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот печат за иднината на Косово

Cutanoski, Goran3 декември 2007

Извадоци од интервјуата со шефот на словенечката дипломатија Рупел, со српскиот министер за одбрана Шутановац, како и дел од препораките на поранешната американска министерка за надворешни работи Олбрајт.

https://p.dw.com/p/CWHY
Поранешната американска министерка за надворешни работи Медлин ОлбрајтФотографија: AP


►Во денешните изданија на германските весници има повеќе статии посветени на иднината на Косово. Ви пренесуваме извадоци од интервјуата со шефот на дипломатијата на Словенија, Димитриј Рупел, со српскиот министер за одбрана Драган Шутановац, како и дел од препораките на поранешната американска министерка за надворешни работи Медлин Олбрајт за идниот статус на Косово.◄


Денешен „Берлинер цајтунг„ донесува разговор со идниот претседавач на Министерскиот совет на ЕУ, шефот на словенечката дипломатија Димитриј Рупел. Во воведот се нагласува дека Словенија е прва од новите членки на ЕУ што ја презема оваа функција и тоа во чувствителен миг.


Рупел во интервјуто нагласува дека се надева оти кризата околу Косово ќе најде разврска за време на словенечкото претседателство во првата половина од 2008-та. Што се однесува до опцијата за еднострано прогласување независност на Косово, Рупел вели дека мора да се прифати правото на самоопределување на народите. Но, истовремено нагласува дека Косово не дошло никогаш до статусот на република во поранешна Југославија, како што тоа беше случај со неговата земја пред битката за независност во 1991-та. Тој исто така нагласува дека не може воопшто да станува збор за потполна независност на Косово, туку за таква што ќе биде надгледувана од меѓународната заедница. Рупел оценува дека изградбата на државните структури на Косово уште не е завршена и дека Косоварите мораат да научат да соработуваат со меѓународната заедница, пред се‘ со ЕУ.

Што се однесува до Србија, шефот на словенечката дипломатија смета дека нејзе треба да и‘ се даде уверување оти е добродојдена во ЕУ и има јасна перспектива. „Сметам дека веќе за десет години границата меѓу Косово и Србија нема да биде толку важна. Решавачко е меѓутоа прашањето што да се прави до тој момент„ – нагласува Димитриј Рупел во интервјуто за „Берлинер цајтунг„.


Викенд изданието на „Франкфуртер алгемајне„ донесува поголема статија под наслов „Косово по независноста„ во која меѓу другото се пренесуваат ставовите на поранешната американска министерка за надворешни работи Медлин Олбрајт. Таа и нејзиниот советник Џејмс О‘Брајан предупредуваат од сценарио слично на она во Босна и Херцеговина. Преголемото мешање на меѓународната заедница може да доведе до затворен круг на зависност, сметаат Олбрајт и О‘Брајан. И во Босна и Херцеговина се забележува дека постоењето на високиот пратеник им овозможува на локалните политичари да се извлекуваат од тешките одлуки и одговорноста да му ја префрлаат нему. Затоа при создавањето на мандатот на идниот меѓународен гувернер за Косово, според нив, треба да се почитуваат три основни принципа. Прво: овластувањата смеат да се користат само на полето на безбедноста и потешките случаи на корупција, но не и за мешање во дневната политика. Второ, извршувањето на другите задачи на косовската влада во иднина треба да се контролираат преку политички притисок од страна на ЕУ, како во процесот за приближување. И трето: меѓународмната мисија во Приштина не треба само да го набљудува развојот на демократијата на Косово, туку и да дава сопствен пример во таа насока. Така на пример, ако треба некои политичари да заминат од функциите, за тоа мора да има развиени демократски процедури – нагласуваат Медлин Олбрајт и Џејмс О‘Брајан.


„Тагесцајтунг„ пак донесува денеска интервју со српскиот министер за одбрана Драган Шутановац, во кое тој пред се‘ изразува уверување дека српската армија нема да интервенира на Косово во случај на еднострано прогласување независност. Тој исто така посочува дека КФОР е овој пат доволно силен и добро подготвен да спречи какви и да е избувнувања на масовно насилство. При можна интервенција на српската армија, таа би морала да се конфронтира со силите на НАТО на границата кон Косово, а последиците од таквите авантури Србија веќе доволно ги искуси во воениот конфликт во 1999-та година. Од друга страна, Шутановац категорично нагласува дека на Југот на Србија српските сили нема да се двоумат ниту еден миг да го задушат секој облик на тероризам или пак да спречат прелевање на воен судир од Косово.