1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот Бундесвер го засили својот контингент на Косово

2 април 2007

Се страхува од безредија за време на преговорите во Советот за безбедност на ОН за иднината на досегашната српската покраина. На викендот беше нападнат српскиот манастир во Дечани

https://p.dw.com/p/AdfY
Косово - војници на Кфор
Косово - војници на КфорФотографија: AP

“Страхуваме дека за време на преговорите за политичката иднина на Косово ситуацијата ќе биде поопасна”, вели германскиот министер за одбрана Франц Јозеф Јунг за денешното издаение на весникот “Ди велт”. Поради тоа на Косово бил испратен баталјон со околу 550 војници. Тие, според портпарол на министерството, биле прекомандувани уште кон средината на март и треба да останат до крајот на април, а по потреба и подолго. Станува збор за единица за брзо преразместување. Така, сега Бундесверот има повеќе од 2900 војници стационирани на Косово.

Специјалниот посредник на ОН Марти Ахтисари пред една недела му го поднесе на Советот за безбедност својот план кој предвидува меѓународно надгледувана независност на покраината. Србија, очекувано, го отфрли, а рускиот министер за надворешни работи деновиве рече дека планот на Ахтисари е осуден на неуспех. Русија има можност да стави вето во ОН.

“Русија досега беше ангажиран член на Контакт-групата и мислам дека така и ќе остане. Русија има голем интерес да се создаде трајна стабилност на Балканот. Имаме целосна довербаво способноста на меѓународната заедница воопшто, посебно на Советот за безбедност, дека косовското прашање ќе го доведе до добар крај” – вели за Дојче Веле Јоахим Рикер, раководител на Управата на ОН за Косово – УНМИК.

Во САД, ЕУ и НАТО се страхува од можни безредија доколку планот на Ахтисари не биде одобрен во Советот за безбедност. Во саботата во Приштина околу илјада косовски Албанци демонстрираа за целосна и моментна независност од Србија на досегашната нејзина покраина Косово. За време на викендот беше извршен минофрлачки напад врз српскиот манастир “Високи Дечани” кој од неодамна е под заштита на УНЕСКО. Граната паднала врз надворешниот манастирски зид. Косовската полициска служба соопшти дека е пронајдена неексплодирана мина истрелана од рачен минофрлач.

Било кој облик на насилство против српската заедница или против Српската православна црква на Косово е апсолутно неприфатлив, соопшти Контакт-групата. Претседателот на Собранието на општина Дечани Назми Селманај за Дојче Веле рече: “Ова не е само напад врз манастирот, туку и врз општината и косовските институции, врз комплетната меѓународна заедница, и тоа во период кога се решава пашањето за статусот на Косово. Овој напад дојде во време кога од сите нас се бара мир и воздржаност”.

Отец Сава Јањиќ од манастирот “Високи Дечани” оцени: “Станува збор за луѓе кои користат оружје против споменик на културата на УНЕСКО и кои не му мислат добро ни на својот народ, ниту нам, кои не ја гледаат иднината на Косово во мир и владеење на законите и на правото. Треба да се свртиме кон градење на иднината. Такви екстремисти мора да бидат изолирани, а народот треба да се држи до традициите на старите, кои знаеја да го почитуваат ова место и да го сочуваат со векови”.