1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски печат за Србија и Косово

8 август 2006

Германските весници денеска му посветуваат поголем простор на балканскиот регион, свртувајќи го вниманието пред се‘ кон Србија и Косово, со оглед на осмата рунда преговори за статусот во Виена.

https://p.dw.com/p/Ae6a
Селско-градска идила во предградие на Приштина
Селско-градска идила во предградие на ПриштинаФотографија: AP

„Зидојче цајтунг„ донесува коментар под наслов „Шанса за Србија„ во кој авторот Марк Хох се осврнува на негативните клишеа за оваа земја што владеат во западната јавност:

„Сликата за ‘лошата Србија‘ е зацементирана и во западната јавност. За тоа придонесоа булеварските весници кои во извештаите од балканските војни речиси исклучиво пишуваа за српските „касапи„... Но, на Србија на нејзиниот пат кон иднината и‘ се потребни разбирање и подршка од Европејците. Зашто, земјата се наоѓа во веројатно најтешката фаза од нејзината понова историја. Стопанството е уништено. Според глава на жител тоа е дури во полоша состојба од она на Босна и Херцеговина или на Албанија, во која до пред 10-тина години владееше анархија. И надворешно-политички Србија е речиси изолирана. По неоствареното ветување за испорачување на генералот Ратко Младиќ, ЕУ го прекина курсот на доближување, што дополнително ја дотолчи економијата. Згора на тоа доаѓаат одвојувањето на Црна Гора, а веројатно и на Косово до крајот на годината. За српската душа ова второто е тежок шок, бидејќи покраината за најголемиот дел Срби е составен дел на нацијата. При тоа се отвора прашањето што е всушност Србија? Таа се наоѓа во тешка криза на идентитет. Србија се клати меѓу национализам и тежнение кон Европа, меѓу великосрпски соништа и тажната реалноста на една нација која за десетина година загуби повеќе војни и во Европа важи за страшило. Во ваквиот вакуум најдобро виреат радикалните сили, кои на следните избори би можеле да ја соборат сегашната влада на Воислав Коштуница. Тоа пак би имало несогледливи последици за целиот Балкан...

За да ги држи радикалите подалеку од власта, на Белград му е неопходна европска перспектива. Брисел би требало да го продолжи процесот на приближување и конечно да го олабави строгиот визен режим. 70% од сите српски студенти не биле никогаш во странство. Како можат тогаш да ги уверат постарите генерации Европејци во своите добри намери? Како може да се создаде атмосфера на доверба, кога амбасадите поставуваат толку тешки услови за виза? Покрај сета неохопдна строгост, сепак младата генерација на Србија не би требало да ја носи одговорноста за делата на нејзините татковци. На Србија и‘ е неопходна отворена врата кон Европа„ – заклучува авторот Марк Хох во коментарот за „Зидојче цајтунг„.

„Франкфуртер алгемајне пак„ донесува статија за економската иднина на Косово под наслов „Косовски меури од сапуница„. Авторот Михаел Мартенс се користи најмногу со ставовите на еден од најголемите експерти за Балканот, Владимир Глигоров од Виенскиот Институт за економски студии:

Како најголема илузија поврзана со наводната розова иднина на Косово, Владимир Глигоров ја разоткрива приказната за природните богатства. „Големите и релативно лесно пристапни резерви на лигнит дел од странските експерти ги сметаат за важен извор на приходи за косовското стопанство. Во една студија на австриската Банка за обнова дури се проценува дека со изградбата на модерна термоцентрала Косово би можело да остварува една петтина од сегашниот бруто домашен производ по пат на извоз на електрична енергија. Во некои албански медиуми Косово дури се слави како Бахреин на Европа... Тоа се сето митови, одмавнува Владимир Глигоров. Лигнитот е од лош квалитет и неговата експлоатација би се исплатела само ако термоцентралата се изгради во близина на рудниците за јаглен. Најверојатната иднина на Косово според него е извозот на луѓе, кои ќе испраќаат пари дома.

Како втор голем проблем Глигоров го гледа демографскиот фактор. На Косово доминира младо насление, но со низок степен на образование, така што овде можат да успеваат само индустрии што бараат интензивна употреба на труд. Конечно, до сега УНМИК, КФОР и ОБСЕ со присуството на нивните соработници внесуваа огромни средства во покраината, кои по евентуалното стекнување независност ќе ги снема„ – читаме во статијата на „Франкфуртер Алгемајне„.