1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската политика губи трпение со Балканот

Обработка: Е.М. Фиданоска4 август 2015

Со оглед на големиот број бегалци од Западен Балкан, германските политичари го зголемуваат притисокот регионот. Берлин планира концепт чија цел е да ги спречи луѓето да тргнуваат на пат за Германија, пишува „Ди Велт“.

https://p.dw.com/p/1G9NK
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Rampfel

Весникот „Ди Велт“ во текстот со наслов „Германската политика губи трпение со Балканот“ го пренесува барањето на министерот за внатрешни работи на покраината Северна Рајна Вестфалија, Ралф Јегер, земјите од каде што доаѓаат барателите на азил прво да си го решат проблемот со масовното иселување, а потоа да бидат примени во ЕУ.

„Во Србија живеат Роми кои немаат шанса да најдат работа, да се образуваат или да бидат здравствено згрижени“, вели Јегер за „Ди Велт„. „Се‘ додека Србија не го реши тој проблем, таа не смее да стане членка на ЕУ“, цитирани се зборовите на Јегер, по што се констатира дека „не смее да се повтори грешката како со Бугарија или Романија“.

Весникот наведува дека во првата половина од 2015 година биле регистрирани речиси 180.000 баратели на азил во Германија. Тоа, во споредба со истиот период лани е зголемување за речиси 132,2%. „Речиси секој втор барател на азил (45,94%) потекнува од Западниот Балкан...Според сојузното Министерство за внатрешни работи, квотата на прифатени барања за азил изнесува само 0,15%. Од одговорот што германската влада го даде на прашањето на пратеничката група на Левицата, произлегува дека околу една третина од бегалците од Западен Балкан се Роми.“

Министерот Јегер изразува и разбирање за бегалците од Балканот, велејќи дека станува збор за човечки трагедии, дека може да ја разбере мотивацијата на оние кои бегаат од сиромаштија и дека како татко на семејство во сиромашното Косово и тој би се обидел да дојде во Германија. „Сепак, на овие луѓе мора брзо да им порачаме дека немаат право на азил и со тоа немаат ниту перспектива да останат кај нас“, вели Јегер за весникот „Ди Велт“.

„Тагесцајтунг“ констатира дека поимот Балкан се враќа во фокус. „Сега тој е повторно тука, со сите свои лоши конотации - благодарение на дебатата за т.н. балкански бегалци. А таа е полна со антициганистички емоции. Никакво чудо не е што во Баварија се зборува за ’посебни логори’ за балканските бегалци. Најголемата група меѓу нив ја сочинуваат Ромите. Момент, логори за Роми? Точно, нив еднаш веќе ги имаше! Но, сеедно, антициганизмот е толку длабоко што речиси и нема спротивставување на поделбата на бегалците на ’економски бегалци’ (народски наречени социјални паразити) и ’вистински’ бегалци. Како да се работи за контингенти, а не за основни нешта како прашањето за распределба на богатството, соживотот, човечноста. За типови како Винфрид Кречман (премиер на покраината Баден Виртемберг, н.з.) никогаш не се доста сигурни земји, во чии сламови би можеле да се депортираат Ромите. Расизам? Такво нешто нема. Дали тоа е само мизерно или е веќе говор на омраза?... И додека овде се создава фронт против бегалците, Европската унија на Балканот создава некаков вид тампон зона во која доаѓаат ’вистинските’, но исто така и непосакуваните бегалци. Балканот - Македонија, Србија и Босна - стана транзитна територија за стотици илјади луѓе од Сирија, Ирак и Авганистан. Сите тие чекаат на својата шанса од херметички затворената пустина меѓу унгарскиот (наскоро и хрватскиот) ѕид и членките на ЕУ на истокот да стигнат на другата страна од Шенгенската граница. Тука ЕУ создава токму онаков Балкан од каков што стравува толку многу: осиромашен, без иднина, хаотичен, корумпиран, се‘ поблизу до граѓанска војна. Балканизација - така се вика кошмарот на - се‘ уште - просперитетната Германија“, пишува „Тагесцајтунг“.