Германска компанија ќе гради 69 ветерници во Кумановско
12 октомври 2021Германската компанија ВПД ќе гради 415-мегаватна ветерна електрана на потегот Куманово-Старо Нагоричане-Крива Паланка, во вредност од околу 500 милиони евра. Станува збор за проектот „Вирови“, кој треба да биде готов за шест години.
„Вирови“ нема да користи никакви повластени тарифи од државата, а 290.000 домаќинства ќе снабдува со електрична енергија. Работи во 28 земји со над 5.000 мегавати на час. Договорот за стратешко партнерство меѓу македонската Влада и ВПД е на 45 години.
Најголема гринфилд инвестиција
„Ова не е само најголемата германска инвестиција во земјата, ова е најголемата директна гринфилд инвестиција во македонската економија од независноста до денес. Таа е доказ дека зеленото сценарио е возможно. Овој проект е повеќе од половина од предвидените 700 мегавати со стратегијата“, најави премиерот Зоран Заев на презентацијата на проектот.
На полињата од Куманово до Крива Паланка ќе има 69 ветерни турбини, наспроти сегашните 16 на територијата на целата земја. Германската амбасадорка Анке Холштајн вели дека проектот ќе овозможи годишно намалување од 310.000 тони јаглерод диоксид.
Андреа Бјорн Шолет, овластен претставник за германската компанија ВПД вели дека ова е прва земја од Западен Балкан која размислува на елиминација на јагленот како средство за обезбедување електрична енергија до 2030 година.