1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спасител со студено срце?

Рихард Фукс / Е.М. Фиданоска11 јули 2015

Можен „грекзит“ се‘ уште не е избегнат. Очите на многумина се вперени во германската кризна дипломатија. Дали Германија е „спасител со студено срце“?

https://p.dw.com/p/1Fx7h
Фотографија: Getty Images/C.Furlong

Графити кои се израз на нешто повеќе од само личен став на поединец: со црвени букви е прекриен натписот на Грката национална банка. На влезот во Централната банка во Атина веќе не стои „Банка на Грција“, туку „Банка на Меркел“. Визуелен повик за помош кој може да има многу значења, но во секој случај е израз на гневот и разочарувањето од досегашната европска политика на спасување, која според мислењето на многумина Грци само ја заострила кризата.

Банките беа спасувани, но не и економското преживување на оние кои заработуваат малку и на невработените, гласи обвинението упатено пред се‘ на адреса на германската канцеларка Ангела Меркел. Таа за многумина е отелотворение на политиката на „железна рака“. Политика, во која помош се дава само ако има и противуслуга - сето тоа искалкулирано трезвено, понекогаш ладнокрвно. Но, дали Меркел навистина нема сочувство за грчките страдања?

„Извесен степен на трезвеност е од помош“

Претседателот на Европското движење Германија, Рајнер Вент, во интервју за ДВ нагласува: „Кој ја познава германската канцеларка, знае дека таа е една многу трезвена, воздржана личност.“ Владината изјава на Меркел од пред неколку дена го засилува ваквиот впечаток. Речиси без менување на изразот на лицето, таа рече: „Дали ќе има компромис, при кој предностите ќе преовладуваат над слабостите, ќе одлучиме кога за тоа ќе дојде моментот.“

Rainer Wendt
Рајнер ВентФотографија: DW

Ваквиот стручен тон на Меркел разбесни дел од грчките новинари во Берлин. На дневните прес-конференции еден грчки дописник ја праша портпаролката на Владата: „Не сметате ли дека е срамота да се зборува толку трезвено за хуманитарна катастрофа во центарот на Европа?“ Одговорот на портпаролката можеше да потекнува и од самата канцеларка: „Извесен степен на трезвеност може да помогне за во оваа ситуација, која не е едноставна за никого, да се исцрпат сите можности кои ги нуди монетарната унија.“

Но, дали монетарната унија нуди доволно опции? Грчкиот премиер Алексис Ципрас досега не остави простор за сомневање дека понудите на кредиторите не се прифатливи. Меркел зборува за „прецизни“ нови предлози кои се неопходни за да се постигне договор со кредиторите, а грчкиот премиер честопати досега зборуваше за „уцена“, па дури и „понижување“.

Нојдек: Обвинувањата се „политички интерес“

Тоа, според Руперт Нојдек, не држи. Нојдек е познат по својата отвореност во борбата приотив хуманитарните кризи и страдањата на бегалците. Заедно со сопругата тој во 1979 година го основаше здружението „Кап Анамур“, хуманитарна организација за ангажман ширум светот. Тој често остро ги напаѓа германските влади, ги обвинува за потфрлање во хуманитарни кризи.

Но, во овој случај е поинаку. Во случајот на Грција, Нојдек ја зема во заштита политиката. Во интервју за ДВ тој вели: „Германската влада на своја иницијатива постојано испраќаше еден државен секретар во Грција, со задача да ја согледа состојбата на луѓето и да преземен ешто ако треба и може.“ Затоа, според него, реториката на грчката влада е несоодветен обид сопствената вина да се префрли на некого друг: „Политички интерес е оној со кого не може да се најде политичка согласност да биде прогласен за Црн Петко“, вели Нојдек.

Bundeskanzlerin Angela Merkel
Дали вратата за Грција е се‘ уште отворена?Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Grimm

Според грчкиот премиер, за Грција да се врати на патот на пораст, мора да се отпишат долговите на земјата. Предлог, кој Ангела Меркел го отфрли повеќепати, последно за време на посетата на Босна и Херцеговина. Зачудува што ова прашање наводно ја вади од такт канцеларката, која инаку има совршена контрола врз изразувањето на своите чувства. Таа со потенцирање вели „не“. Тоа, според оценката на Рајнер Вент, е можеби единствената голема грешка на политиката кон Грција на „Меркелче“.

„Емоциите во Германија, според мое мислење, понекогаш се изразуваат на погрешно место“, вели Вендт Ако на Грција и‘ се стави како можна опција простување на долговите, би се зголемиле шансите за успешен договор овој викенд, уверен е Венд. А, тоа би можело да создаде мост меѓу трезвено-технократската стратегија на спасување на Ангела Меркел и жешката алтернатива на грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема