1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија меѓу првите ќе го признае Косово

16 февруари 2008

Германската влада е подготвена за косовското прогласување независност, изјави портпаролот на германското министерство за надворешни работи Мартин Јегер. Германија ќе биде меѓу првите земји што ќе го признаат Косово.

https://p.dw.com/p/D8Uo
Пратениците во Бундестагот бараат дебата за признавањето на КосовоФотографија: picture-alliance/ dpa

Тоа отвора некои прашања, на пример, за мандатот на германските војници на Косово. За овие и други правни проблеми што се поврзани со новиот статус на Косово, пратениците во Берлин сакаат да расправаат во Бундестагот во наредните недели.

Дали Германија ќе биде првата земја што ќе го признае Косово? На ова прашање во петокот никој во владата не сакаше да одговори. Меѓутоа, подготовките се во тек. Ако Косово тоа го направи овој викенд, Германија релативно бргу ќе ја признае новата држава. Рупрехт Поленц, претседател на надворешно-политичкиот одбор во германскиот парламент:

„Ние не сакаме никаков вакум. Станува збор за тоа државите од Европската унија по можност бргу да реагираат што ќе го следи и Германија„.

Признавањето на нова држава нормално се случува без вклучување на парламентот. По заклучок на владата, сојузниот претседател може на претседателот на Косово со писмо да му го соопшти признавањето на независноста. Меѓутоа, во случајот на Косово, пратениците бараат владина изјава. Тоа го очекува и социјалдемократката Ута Цапф која образложува:

„Тоа е чувствително политичко прашање, посебно што ќе има отпор од други држави како Србија. Србија веќе најави дека реакциите на такво признавање ќе бидат соодветни„.

Србија соопшти дека правно ќе настапи против државите што ќе го признаат Косово. Меѓутоа, и покрај можната конфронтација со Србија, мнозинството пратеници се за независно Косово. Само партијата на левите е против. Моника Кнохе од оваа партија:

„Сметаме дека меѓународно – правно не смее да дојде до поделба. Сметаме дека не смее да дојде до прогласување на независност на Косово при воено присуство и дека УНМИК мора да се погрижи да се исполни резолуцијата 1244 на Обедиентите нации која предвидува дека Косово е дел на Србија„.

Експертите за меѓународно право сметаат дека прашањето дали со прогласувањето независност се повредува резолуцијата 1244, а со тоа се става под прашалник и присуството на КФОР, може различно да се интерпретира. Истото важи и за испраќањето на новата мисија на Европската унија ЕУЛЕКС, што би требао официјално да почне да работи во сабота место администрацијата на Обединетите нации. Затоа, надворешно-политичкиот експерт на либералите Волфганг Герхарт бара поголема јаснотија од владата:

„Таму испраќаме луѓе што можат да се најдат во проблематична ситуација. Значи правната линија мора да биде сосем јасна и дека меѓународно – правно да се расчисти дека и војниците можат натаму да останат таму. За нас, тоа е решавачкото прашање„.