1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: Крајно време е политичките актери да покажат одговорност

Катерина Блажевска18 март 2015

Претставниците на меѓународната заедница ја нудат својата поддршка и посредништво, но укажуваат и колку е важно да се покажат домашните демократски капацитети за излез од кризата.

https://p.dw.com/p/1EsRf
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Загриженост за состојбите, независна, транспарентна и фер судска постапка, како и почитување на основните демократски стандарди, се пораките што стигнуваат од дипломатските претставништва во Македонија до клучните актери на домашната политичка сцена. Тие ја нудат својата поддршка и посредништво, но укажуваат и колку е важно да се покажат домашните демократски капацитети за излез од кризата. Нивни претставници неодамна присуствуваа на трибината на СДСМ во Универзалната сала, каде беа презентирани наводни разговори меѓу министри и други владејачки функционери, кои според опозицијата, сведочат за големи изборни манипулации. На прашањето до германската амбасада, каков е впечатокот за она што беше презентирано од опозицијата, од таму велат: „Сојузната Влада е мошне загрижена за судирот меѓу Владата на Груевски и опозициската СДСМ кој ескалира. Објавувањата на телефонските разговори се поврзани со обвинувањето од страна на опозицијата за значително погрешно однесување на Владата. Овие сериозни обвинувања треба да се расветлат преку фер и транспарентни правнодржавни постапки според меѓународните стандарди. Заради кривичното гонење на Зоран Заев и други обвинети, функционирањето на демократската опозиција е неизвесно. Македонските установи се повикани да ги истражат сериозните обвиненија против претставниците на опозицијата на фер и транспарентен начин и во согласност со меѓународните стандарди, кои секако ја вклучуваат и пресумпцијата на невиност. Независноста на судството и на институциите за кривично гонење мора да биде обезбедена“, велат од германската амбасада во Скопје, и додаваат дека „Сојузната Влада, исто како и нивните европски партнери, со големо внимание ќе го следат понатамошниот развој“.

Со оглед дека повеќе партиски субјекти досега изразија потреба од меѓународно посредништво за излез од политичката криза, прашањето е - може ли Македонија да се надева на таква помош од Германија и во која сфера - во политичко медијаторство, во правен мониторинг со експертска помош, или и во двете?

„Германија категорично поддржува посредништво од страна на ЕУ. Двете страни сега би требало колку што е можно побрзо да започнат сериозен дијалог со ЕУ за посредничкиот мандат, посредничките цели, како и за надгледување на спроведувањето на можните постигнати договорени точки. Ние сме подготвени да го поддржиме овој процес онаму, каде што тоа е посакувано од страна на ЕУ и од партиите“, велат од германската амбасада.

Понудата за посредништво е на маса!

Во ситуација кога парламентот и други институции се длабоко искомпромитирани, не само според наводните содржини од аудио-снимките, нејасно е, која е таа „институција“ под чија капа би можел да се води политички дијалог за излез од кризата? Од германската амбасада потенцираат дека македонските институции имаат задача на фер и транспарентен начин и во согласност со меѓународните стандарди да се справат со предизвиците на кои се изложени.

EU Gipfel gescheitert Flagge und Hand p178
ЕУ нуди рака за помош, но очекува и домашна иницијатива за излез од кризата!Фотографија: AP

„Никој не може да ја преземе таа задача наместо нив. Германија и некои други држави повеќе пати укажаа на тоа дека на македонските институции во сегашната ситуација им се нуди и голема шанса да ги покажат своите демократски и правнодржавни капацитети. Како основа за овој процес значаен е политичкиот договор, кој на правнодржавен начин ќе ги расветли обвинувањата, кои ѝ нанесуваат штета на веродостојноста на институциите и личностите. Понудата за поддршка и посредништво на ЕУ е на маса. Ги повикуваме двете страни да ја прифатат таа понуда и заедно со ЕУ, во заемна согласност помеѓу сите партии да ја конкретизираат“, велат од германската амбасада.

ДВ побара, но не доби одговор од Владата на прашањето: Дали премиерот планира средба со коалициските партнери и со опозицијата за заеднички да се конкретизира барањето за меѓународна поддршка и посредништво за излез од кризата? Според аналитичарите, шансите за почеток на дијалог кој би водел кон политички договор е се‘ понеизвесен, откако премиерот целосно ги отфрли барањата на СДСМ за формирање преодна влада и за разрешување на јавниот обвинител и раководството на МРТВ. СДСМ и натаму останува на истите барања, а портпаролот Петре Шилегов повторува дека е апсолутно неопходно директно вклучување на меѓународната заедница.

„Институциите во Македонија се под директна контрола на власта и немаат капацитет за спроведување објективна и транспарентна истрага, каква што во нормални држави би била спроведена. Што се однесува до поканата на Јавното обвинителство до органите на ЕУ 'за испраќање меѓународни експерти кои би биле во тек со работата на јавните обвинители по актуелните предмети', за оваа институција да ја оствари својата улога во општеството, потребно е, пред се‘, државниот јавен обвинител Марко Зврлевски и обвинителот за организиран криминал, Јован Илиевски, да поднесат оставки. Последен момент е ВМРО-ДПМНЕ да сфати дека ја уништува државата и нејзината евроатлантска перспектива“, вели Шилегов.

Од коалицискиот партнер во Владата, ДУИ, потенцираат дека тие се изјасниле за потребата од меѓународно посредништво, но не коментираат на кој начин треба да се операционализира таа идеја.

Да се покаже одговорност

Во меѓувреме, владејачката ВМРО-ДПМНЕ организираше голем собир за манифестирање масовна народна поддршка на владините политики, а Мендух Тачи потврди дека ДПА разговара за влез во Владата. На прашањето - дали по одбивањето на опозициското барање за формирање преодна влада, можното засилување на владејачкото мнозинство е потег кој може да води кон излез од кризата, од делегацијата на ЕУ во Скопје за Дојче веле кратко изјавија: „Крајно време е политичките актери да покажат одговорност и да се вклучат во конструктивен дијалог, со што ќе го насочат вниманието кон стратегиските приоритети битни за државата и граѓаните“.

USA Flagge
Амбасадата на САД продолжува со внимание да ги следи политичките случувањаФотографија: picture alliance/chromorange

Дека Брисел со внимание ја следи состојбата, потврди и портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, која вчера најави дека Европскиот парламент ќе формира група која ќе се обиде да ги помири најголемите партии во Македонија. Европското посредништво, според најавите, би можело да почне да се реализира кон крајот на март. Уште по минатомесечната посета на еврокомесарот Јоханес Хан на Скопје, неформално се спомнуваа тројца европарламентарци како можни медијатори: известувачот за Македонија, Иво Вајгл, од групата на либералдемократите, Ричард Ховит од групата на социјалисти и Едвард Кукан од групата народни партии. Според партиите во Македонија секоја помош е добредојдена. Но, дел од нив сметаат дека помошта од парламентарната тројка може да биде мека, односно премногу „лајт“ во однос на димензиите на домашната криза, па се надеваат дека посредничката палка ќе ја преземе „кадар“ од Европската Комисија, но и од официјален Вашингтон.

И од таму со внимание го следат развојот на настаните во земјава, а фокусот го ставаат на демократските вредности и стандарди.

„Амбасадата на САД продолжува со внимание да ги следи политичките случувања, што ja доведуваат во прашање независноста на медиумите и судството, како и почитувањето на други основни демократски вредности во Република Македонија. Како силни поддржувачи на интеграцијата на Македонија во евроатлантската заедница, забележуваме дека ова е можност за македонските институции да покажат дека имаат капацитет да им служат на граѓаните ефикасно и непристрасно. Го повторуваме нашиот апел за примена на највисоките стандарди на правната држава, за транспарентност и правичност, и за заштита на слободата на говорот и судската независност, така како што овие случаи продолжуваат да се развиваат“, велат од амбасадата на САД за ДВ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема