1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија - земја на старци!

18 ноември 2009

Германците се се‘ постари, а ниската стапка на наталитет во 2060 година ќе придонесе наместо сегашните 82 милиони во земјата да живеат меѓу 65 и 70 милиони лица, стои во извештајот на Сојузната служба за статистика.

https://p.dw.com/p/KaEN
Во 2060 секој трети Германец ќе биде постар од 65 години.Фотографија: DPA

Трендот на ниска стапка на новородени и зголемениот процент на оние што умираат ќе придонесе населението во Германија во 2060 година да биде постаро и помалубројно за околу 17 милиони од сегашното.Во 2060 година над 500.000 луѓе повеќе ќе умираат, отколку што ќе се раѓаат. Алармантниот податок го изнесе Родерик Егелер, прв човек на Сојузната статистичка служба.

Малку бебиња, многу старци

Статистичарите прогнозираат дека уште во наредниве две децении видливо ќе се зголеми процентот на стари луѓе. Ова ќе биде резултат на и натаму нискиот наталитет, кој останува главна закана за стареењето на германската нација. Аналитичарите разработија три варијанти за движењето на бројот на новородените во наредниве децении: од актуелниот просек 1,4 дете на мајка, преку 1,6 во 2025, до повторниот пад на 1,2 во 2060 година. И во трите случаи карактеристично е дека се зголемува староста на мајката. За да дојде до природна обнова на старата генерација би било неопходно германските мајки да раѓаат 2,1 дете. Родерик дополнува дека моментно 20 отсто од населението е постаро од 65, а околу 5 проценти или 4 милиони лица имаат повеќе од 80 години. Во 2060 демографската слика ќе биде уште покритична. Ако денес секој петти граѓанин на Германија е постар од 65 години, во 2060 толку стар ќе биде секој третти.

Baby mit Windel
Со 2,1 дете наместо сегашните 1,6 германската нација можеби и ќе се спаси!Фотографија: picture-alliance / OKAPIA KG, Germany

Товар од пензиоинерите

Староста на нацијата ќе се рефлектира пред се врз бројот на работоспособните. Населението меѓу 20 и 64 години од сегашните 50 милиони, во 2060 ќе опадне на 33 до 36 милиони лица. Ова значи дека по пет децении 100 работоспособни ќе мора да издржуваат двојно повеќе пензионери отколку што е случајот денес. Ваквиот демографски тренд статистичарите сметаат дека може да се ублажи со зголемено доселување. Затоа тие апелираат до политиката решавачките одлуки треба да ги донесе сега, за да не дојде до остварување на прогнозите кои, иако се само теоретски, се застрашувачки.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Жана Ацеска