Германија: Голема антиисламистичка рација
1 февруари 2017Поради сомневање за постоење терористички активности, полицијата во Хесен утрината изврши претрес на вкупно 54 објекти низ целата покраина, соопшти Обвинителеството од Франкфурт на Мајна. Пребарани се меѓу другото станови, деловни простории и џамии, а акцијата е спроведена поради постоење основано сомневање против 16 лица на возраст меѓу 16 и 46 години.
Издаден бил налог за апсење на 36-годишен Тунижанец, кој врбувал и шверцувал луѓе во дослух со терористичката организација Исламска држава. Негова цел била создавање терористичка мрежа, со цел да биде извршен терористички напад. Портпарол на покраинската полиција меѓутоа тврди дека уште не постоела конкретна цел на нападот, плановите сѐ уште се наоѓале во рана фаза.
„Со извршената рација испраќаме јасна порака со радикалните исламисти во Хесен: будно ја држиме исламистичката сцена на око“, изјави министерот за внатрешни работи на Хесен, Петер Бојт. Според информациите од неговото министерство, во рацијата учествувале преку 1100 полициски службеници.
Апсења во Берлин
Синоќа во Берлин беа уапсени три лица на возраст од 21, 31 и 45 години, осомничени за намера да отпатуваат во воените региони, веројатно во Сирија или Ирак. Освен тоа, се претпоставува дека тројцата имале врски со Исламска држава. Но, од нив не произлегувала непосредна опасност за напад во Германија. Според полицијата, нивна цел била да отпатуваат во исламистички центар за обука во странство, каде би биле оспособени за извршување терористички напади.
Актуелните полициски операции немаат директна поврзаност со атентаторот Анис Амри, кој со камион уби 12 лица во Берлин во декември минатата година. И во Берлин се извршени бројни претреси, меѓу другото и на џамијата во која често навраќал и Анис Амри.