1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Геополитички омлет од снесени и подметнати јајца

Тони Поповски
5 февруари 2022

Со страст дебатираме чија била пра-клетката, бидејќи наводно тоа е клучниот момент за внатрешна стабилност во нашите држави, за нашиот ментален мир и рамнотежа и за нашата иднина. Пишува Тони Поповски

https://p.dw.com/p/46WnJ
Тони Поповски
Тони ПоповскиФотографија: privat

„Што е постаро, кокошката или јајцето?“ е древна загатка и вечна дилема. Во точниот одговор се крие и решението на историско-идентитетските спорови, особено на Балканот. 

Дебатата на историчарите неретко се сведува на борба на убедувања за тоа чија „кокошка" и од неа снесените „јајца", се постари, без оглед дали дел од нив се подметнати. Откако чинот на снесување на јајцето соодветно ќе се документира и архивира, доаѓаме до неспорен историски наод дека на тоа конкретно јајце сепак му претходи цврсто одредена, а пред сѐ здрава и репродуктивна кокошка. Оттаму, линеарното толкување на документираниот историски настан на снесување на токму тоа јајце, е дека потекнува од токму таа кокошка. 

Нелинеарен одговор на оваа загатка е дека иако јајцата доаѓаат од кокошките, и кокошките доаѓаат од јајцата. Доколку за момент се потисне историјата (како след на настани), и се појде од физиологијата како гранка на биологијата која се занимава со живите организми (вклучувајќи ги луѓето и историчарите меѓу нив), доаѓаме до сознание дека токму јајцата (женски полови клетки) еволуирале пред повеќе од милијарда години, додека кокошките постојат само 10.000 години. Дури и специјализираниот вид јајца што ги снесле (пра)птиците, со нивната цврста надворешна мембрана, еволуирале пред повеќе од 300 милиони години. 

Сите луѓе, не само на Балканот, потекнуваме од древна женска полова клетка, а ги немало премногу на прапочетокот во споредба со денешниот „Вавилон на народи и нации“. Тоа треба да го имаме предвид, кога со страст ја присвојуваме пра-клетката како етнички наша, бидејќи наводно тоа е клучниот момент за внатрешна стабилност во нашите држави, за нашиот ментален мир и рамнотежа, за нашето чувство на среќа и спокој, и за нашата иднина. 

Низ кој вредносен систем и рамка се води тековната историска расправа? 

Мнозинството од кокошките не се соочуваат со проблем да снесат јајца. Од друга страна,  историската расправа со соседна Бугарија е преполна со предизвици, со многу вложен труд и нерви, и за жал со само по некое снесено „јајце", со кое и не знаеме во моментов што да направиме и покрај неколкуте алтернативи. Генератор на овие предизвици е фокусот на „етничкото“ и поврзаните идентитетски аспекти, како и на обидите да се реконструира етногенезата. Расправата е исклучително чувствителна. Создавала негативни последици во блиското и подалечно минато, а за жал ги создава и во моментов. Единствен начин оваа расправа да биде плодна и продуктивна, е да се одвива во рамки на соодветен вредносен систем, кој би функционирал и како референтна рамка за споредби и за извлекување заклучоци, а притоа погледот наместо да биде заробен во минатото, да биде свртен кон иднината. 

Постигнување на општествен консензус за вредностите е во самата суштина политички процес. „Политика" е термин за првпат дефиниран од Аристотел, и се однесува на „работи кои го засегаат полисот (народот/општеството)“. Политички коректното е лична перцепција, а договорот за вредностите е колективен и фактички политички (народен) договор. Така било од најраните цивилизации, а така е и сега. Дури потоа постигнатиот конзензус за вредностите се преведува во правна норма, во „закон“. Низ Европски Договор (за вредности) настанала Европската Унија, а дури потоа европското право. 

Зошто да биде едноставно кога може да биде сложено?

Сепак, има суштинска разлика околу тоа како се води тој процес за постигнување консензус за вредностите. Дали на инклузивен и демократски начин, како што го водат вистински демократи, или „посилниот“ ги диктира неговите „вредности“ на „послабите“ , како што го водат недемократи. Вредносната платформа за граѓанска, социјална, инклузивна  и толерантна држава (блиска до визијата на Гоце Делчев) во периодот на движењата за ослободување од Отоманите, била, а и сега е во судир со ексклузивниот проект за големи национални држави и големи етнички светови во Југоисточна Европа, но и пошироко. Од таа причина, убеден сум дека ако нашите предизвици ги адресираме низ рамката на европските вредности, токму тие на татковците на Унијата, но и на Делчев, истите ќе ги надминеме на одржлив начин. Надоврзано на ова и укажувањето на клучните институции на Унијата дека е крајно време за субстанцијално враќање кон изворните вредности на ЕУ, и врз нивна основа, барање на „стратешкиот компас“ и проектирање на иднината на Европа. И затоа ќе запрашам: „Сакаме да разговараме како Европејци или ќе разговараме како тврди националисти?".  Тука нема златна средина. Демократи разговараат и изнаоѓаат достоинствени решенија.  Вистински демократ влегува и изодува една милја во чевлите на соговорникот, со цел да го разбере. Помеѓу демократ и тврд националист нема дијалог, туку се случува монолог на вториот, а првиот поради демократската култура е подготвен да ислуша. И двајца тврди националисти не разговараат, туку се обидуваат да го наметнат своето гледиште и да се надвикаат. Тоа се нарекува разговор на глуви. 

Потсетување за европските вредности 

Земји и општества кои споделуваат вредности на Унијата, се оние во кои преовладуваат инклузијата, толеранцијата, правдата, солидарноста и недискриминацијата. Европски начин на живот значи да се живее со токму овие вредности а не само да се проповедаат.  Во Европската Унија, човечкото достоинство е неприкосновено. Унијата има стриктна обврска  да ги почитува и да ги заштити основните права на своите граѓанки и граѓани. Индивидуалните слободи како што се почитувањето на приватниот живот, слободата на мислата, религијата, слободата на собирањето и здружувањето, изразувањето и информирањето се заштитени со Повелбата за основни права на ЕУ.  

Зошто да биде едноставно кога може да биде сложено?

Функционирањето на ЕУ се заснова на претставничката демократија. Да се ​​биде европски граѓанин значи и да уживаш политички права. За секој полнолетен граѓанин на ЕУ треба да се овозможи право на кандидирање и непречено гласање на изборите во нивната земја на живеење или во нивната земја на потекло, како и за Европскиот парламент. Еднаквоста се подразбира како практикување на еднакви права на сите граѓани на Унијата пред законот. ЕУ се заснова на владеење на правото. Сè што прави ЕУ е засновано на договори, доброволно и демократски договорени од нејзините членки. Правото и правдата ги поддржува независно судство. 

Човековите права се заштитени со Повелбата за фундаментални права на ЕУ. Тие го опфаќаат правото да се биде ослободен од дискриминација врз основа на пол, расно или етничко потекло, религија или верување, попреченост, возраст или сексуална ориентација, вклучувајќи го и правото на заштита на лични податоци и на пристап до правдата.

Тоа е европскиот систем на вредности и референтната рамка во која треба да градиме односи и да надминуваме спорови на Балканот.