1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Генералниот секретар на НАТО денеска на Косово

16 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AdL5
Генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер, денеска треба да допатува на Косово, каде треба да ги посети војниците на КФОР и да води разговори со претставници на меѓународната заедница и на косовските власти. Во очи на посетата на Шефер, КФОР соопшти дека фактот оти генералниот секретар на алијансата доаѓа во покраината само десетина дена по стапувањето на должност, говори за тоа колкава важност им придаваат НАТО и меѓународната заедница на Балканот и особено на Косово. Јап де Хоп Шефер, вчера беше во Босна и Херцеговина.

Вратите на Партнерството за мир се отворени за Босна и Херцеговина, но колку широко се отворени зависи од три услови, изјави вчера во Сараево генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер.

"Првиот услов е политичкото раководство да работи заеднички на реформите и на борба против корупцијата, вториот е целосна соработка со судот за воени злосторства во Хаг, и третиот е имплементација на законот за одбрана", рече Шефер.

Тој нагласи дека НАТО нема да се откаже од пасењето на обвинетите за воени злосторства, но додаде дека сепак најголемата одговорност за тоа ја носат властите во Босна и Херцеговина. "Досега се приведени една третина од обвинетите за воени злосторства. Нема да се откажеме се додека сите обвиенти не се најдат во Хаг", рече ген-секот на НАТО и на Радован Караџиќ му порача дека "може да бега, но дека не може да се крие вечно."

Шефер оцени дека намалувањето на силите на СФОР во Босна и Херцеговина е добар знак и дека постои напредок во областа на безбедноста, така што силите на Еу би можеле да ги заменат силите на СФОР до крајот на оваа година. Прашан дали НАТО има некои докази дека во Босна и Херцеговина се обучуваат терористи, Шефер одговори дека "не постојат црвсти докази дека терористите дејствуваат, се обучуваат или се регрутираат во Босна."