1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каспаров: Запрете го Путин

Ефим Шуман/сн11 декември 2015

Во својата нова книга поранешниот светски шаховски првак и денешен опозиционер Каспаров остро го напаѓа рускиот претседател Путин. „На Путин му требаат војни“, пишува тој и бара од Западот да демонстрира сила кон Кремљ

https://p.dw.com/p/1HLST
Фотографија: picture-alliance/dpa

Книгата „Зошто мораме да го запреме Путин“ е објавена во исто време на германски и na англиски јазик, со најава дека во текстот авторот ќе го опише „уништувањето на демократијата во Русија и последиците за Запад“. Критичарите во германското говорно подрачје се пред се’ изненадени поради бескомпромисниот речник со кој Гари Каспаров го напаѓа рускиот претседател. Поранешниот шаховски светски првак стана еден од лидерите на руската опозиција поради што мораше да ја напушти земјата и сега живее во Хрватска. Оттаму тој рускиот претседател Владимир Путин го нарекува „диктатор“, „агресор“ и „мафијашки кум“.

Олимписка пропаганда

Тоа не е се’. Каспаров е директен и жесток и кога повлекува историски паралели. Додуша, Путин не го изедначува со Хитлер, дури експлицитно вели дека таа споредба не треба да се прави. Сепак потсетува оти Хитлер во 1939. година не се претстави како масовен убиец кој 3 години подоцна ќе ја започне Втората светска војна. Но веќе тогаш нацистичкиот режим ги прогонуваше Евреите, хомосексуалците, инвалидите и политчките неистомисленици. Путин, пишува Каспаров, „го презеде тој систем на прогон“ и донесува слични закони.

1936. година Каспаров не ја споменува случајно. Тогаш во Берлин беа одржани летните Олимписки игри во што авторот гледа интересна паралела со зимските игри во Сочи минатата година. „Свесно или несвесно, дури Путиновиот режим го следи сценариото кое е напишано во 1936. во Берлин“, пишува во книгата. Порано советската (1980.) и кинеската (2008.) пропагандна машина ги користеа Олимписките игри да ги слават „достигнувањата“ на авторитарните држави. Но во Берлин 1936. и во Сочи 2014. година, смета Каспаров, на бината стоеше „сеприсутен лидер“ со своите „амбиции и мегаломаство“.

Sotschi 2014 Paralympics Eröffnungsfeier Putin
Фотографија: Getty Images

Сочи како „Потемкиново село“ имаше уште една цел, пишува авторот, имено да ги сокрие подготовките за една агресија. Кога на „Путиновиот слуга“ Виктор Јанукович не му успеа да ја потчини цела Украина, рускиот претседател почна со вооружена инвазија на соседната земја. Од текстот на Каспаров блика огорченост бидејќи Западот беше немоќен и по анексијата на Крим и по избувнувањето на борбите на истокот на Украина. „Американскиот претседател само гледа, а Европа спие“, рече Каспаров во интервјуто за Шпигел. „Однесувањето на Запад кон Путин е еднакво на политичка и морална капитулација“. Тажно е, додава тој, што слободниот свет не научи од сопствените грешки во односите со диктаторите.

Рецепт од Студената војна

Опозиционерот остро се пресметува и со западните политичари, активни и поранешни. Така го критикува американскиот претседател Рузвелт и британскиот премиер Черчил бидејќи во 1945. година на Конференцијата на Јалта му ја препуштиле цела источна Европа на советскиот диктатор Сталин. Истотака ја осудува политиката на британскиот премиер Чембрлен кон Хитлер. Меѓу современите политичари, на нишан на Гари Каспаров се најдоа поранешниот француски претседател Саркози, американскиот претседател Обама, канцеларката Меркел и поранешниот италијански премиер и шеф на Европската комисија Проди. Сите тие кон Кремљ воделе или се’ уште водат помирлива политика исто како Франција и Британија кон Германија во 30-тите години.

Каспаров е убеден оти секој концепт на партнерство со Москва е однапред осуден на неуспех. Залудни се обидите заеднички да се настапи против Исламска држава или да се заземе единствен став кон нукалеарната програма на Иран. За евентуален мировен договор во Украина не ни треба да се трошат зборови- таму Путин ионака сам започна војна, тврди Каспаров. „На Путин му требаат војни“, пишува, и тоа за да го отргне вниманието од економската и морална пропаст на Русија и да ги остварил своите имеријалистички и националистички амбиции.

Но што да се преземе? Рецептот на поранешниот шахист звучи еноставно: ионака светот се наоѓа во состојба на нова Студена војна, треба да се преземат методи кои веќе еднаш беа делотворни против советската експанзија. Тоа би подразбирало изолација на Кремљ наместо барање на компромиси, поостри санкции, испорака на одбранбено оружје на Украина, демонстрирање сила за да се „запре заканата“, односно за да се „запре Путин“. Дали „самозадоволниот западен свет“ ќе заземе таква цврста позиција? Не може поинаку, повторува Каспаров.