1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Втора „шарена“ блокада на скопските улици

СН/бт/мф8 јуни 2016

Припадниците на „Шарена револуција“ денеска порачаа дека нивните протестни акции нема да запрат сѐ додека од власт не си замине ВМРО-ДПМНЕ.

https://p.dw.com/p/1J2Yp
Фотографија: Vanco Dzambaski

Учесниците на антивладината „Шарена револуција“ денескa напладне во Скопје по вторпат ги блокираа раскрсниците во центарот на градот, што доведе со краткотраен сообраќаен метеж.

Демонстрантите околу еден час ги блокираа четрите раскрсници со автомобили кои имаа импровизирани регистрации „шарена револуција“, а учесниците на блокадите носеа македонски знамиња.

За време на блокадата на раскрсницата кај Соборниот храм се случи и помал инцидент кога еден возач на мотор се најде меѓу демонстрантите и почна да ги навредува активистите од граѓанското движење „Протестирам“. Според македонските медиуми , присутните граѓани успеале да се тргнат од изнервираниот моторциклист кој при заминувањето за малку ќе прегазел еден велосипедист.

Претставниците на „Шарената револуција“ порачаа дека блокадите на булеварите во Скопје се начин на изразување револт и на тој начин сакаат да им укажат на граѓаните дека во Македонија со години се блокирани институциите.

„Ние живееме во блокирана држава со блокиран пристап до правда. Со блокирани и партиски институции“, порачаа демонстраните наведувајќи дека го блокираат сообраќајот бидејќи, власта на ВМРО ДПМНЕ на Никола Груевски „реагира единствено на притисок и на гласни граѓани“.

Организаторите на „Шарената револуција“ вчера ги запреа секојдневните организирани вечерни протести на улиците на Скопје и другите градови и најавија почесто организирање други форми на протест како герилските акции на блокирање на раскрсниците во Скопје, кои за првпат беа организирани на 1. јуни, кога на половина час беше запрен сообраќајот на 3 раскрсници.

Организаторите денеска истакнаа дека „Шарената револуција“ нема да запре и ако се изборат ВМРО-ДПМНЕ да замине од власт, најавувајќи оти ќе продолжат со разни форми на притисок затоа што на Македонија и’ се потребни многу промени.