1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Врвот на СДСМ согласен-Костов нов премиер

13 мај 2004

Костов најави дека ќе води политика на континуитет

https://p.dw.com/p/AdD8

Хари Костов и официјално во петок ќе го добие мандатот за состав на новата македонска влада, вака вчера одлучи партискиот врв на владеачкиот СДСМ. Во изјавата дадена веднаш по партиската номинација Костов истакна дека неговата влада ќе води политика на континуитет, во која како основни приоритети ги наведе уставните измени кои произлегуваат од рамковниот договор, развојот на меѓуетничките односи, економските реформи, намалување на сиромаштијата и евроатланската интеграција. Владата треба да ги создава општите услови а приватниот сектор треба да го динамизира економски развој. Тука ќе се трудиме да создадеме најмногу услови преку намалување на буџетската потрошувачка во јавниот, за да има повеќе за приватниот сектор, рече Костов. Составот на новата македонска влада, кој ќе биде познат за десет дена, нема да претрпи големи кадровски поместувања, но не се исклучува една третина од министрите да ротираат или да бидат сменети. Хари Костов, кој формално не е член на СДСМ, важеше за личност која даваше финансиска и политичка логистика на социјалдемократите во времето кога беа опозиција. На новата функција овој 43 годишен банкар доаѓа од местото прв човек во МВР. Во својата кариера, покрај директорската позиција на Комерцијална банка, Костов работел во Светската банка, а краток период бил и заменик министер за надворешни работи во владата на Бранко Црвенковски во периодот 1994-98.