1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војна и мир во Европа

Барбара Везел
10 мај 2022

Додека Москва ја слави својата воена моќ, ЕУ на својот Ден на Европа ветува реформи. Тоа се случува во сенка на војната во Украина. Затоа на Европа ѝ е потребна поголема храброст за единство, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/4B4UH
Russland | Militärparade am 9. Mai in Moskau
Фотографија: Sefa Karacan/AA/picture alliance

Во Москва беа покажувани ракети, генералите се перчеа со своите ордени, а Владимир Путин по кратка постапка украинското боиште го прогласи за руска земја. Собир спротивен на ваквото офанзивно искривување на историјата и воена агресија беше одржан во вчерашниот понеделник во Стразбур. Тој не можеше да биде граѓански – со музика и игра, со учество на граѓани и низа ангажирани говори. Но, она што навидум делува толку безопасно, моментно е најважниот проект во Европа.

Претседателката на Европската комисија  Урсула фон дер Лајен  објасни дека Европа мора да се промени ако сака да биде спремна за новата, опасна иднина. Такви промени во Еропа не се случуваат без борба. Тие само делумно се поклопуваат со желбите на граѓаните изнесени по долги дискусии во Парламентот. Предлозите се однесуваа пред сѐ на заштита на природната околина, здравствената заштита и образованието. Тоа се теми кои на граѓаните на Европа им лежат на срцето. Но, дали е сега време за фокусирање на таа „нормална политика“?

Храброст за реформи

На листата желби се најдува и укинување на едносгласноста во надворешнополитичките одлуки. А тоа е една од горливите теми. На пример, од минатата недела во Брисел ден за ден заседаваат претставници на земјите-членки за да го усвојат шестиот пакет  санкции  против Русија, кој подразбира и нафтено ембарго. За тоа е потребна едногласна одлука. Бидејќи  Унгарија тврдоглавно пружа отпор, пакетот досега не е усвоен. Тоа е тажна претстава, која земјите-членки би можеле да ја окончаат кога конечно би собрале храброст.

За други реформи треба да бидат изменети Договорите за Европската унија. Тоа би можел да биде крупен чекор напред: заеднички буџет, забрзано носење одлуки, поголемо заедништво. На почетокот на војната Европејците покажаа дека под притисок можат да дејствуваат брзо и единствено. Кога од тоа би се извлекле исправни поуки, би биле подобро подготвени за новата светска ситуација. Имено, никој во ЕУ не се сомнева дека од 24 феврураи почна нова ера и дека нема да има враќање на предвоената состојба.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Италијанскиот премиер  Марио Драги  го гледа „прагматичниот федерализам“ како модел за европска иднина. А францускиот претседател Емануел Макрон, кој отсекогаш е страсен реформист, ги наброја единството, автономијата и независноста како најважни цели. Тој сака наново почнување на дискусијата за „Европа со две брзини“, за да се создаде структура во која земји како Украина и Грузија би биле некој вид придружни членки на ЕУ. Тоа би била единствена можност за исполнување на големите ветувања дадени на украинскиот претседател. Имено, нормален процес на придружување трае со години, ако не и со децении, потсетува Макрон.

Страв да не се загрози постигнатото

Макрон сака да вложи напор во промена на Европските договори, иако другите земји веќе предупредуваат дека тој процес е исклучително макотрпен и со неизвесен исход. Постои страв, кога еднаш би се отвориле Договорите, дека никогаш веќе нема да бидат склучени на постојното ниво на интеграција, зашто има премногу поединечни интереси кои би спречиле ново потпишување.

Меѓутоа, и без промена на Договорите, многу нешта се политички можни, зашто маневарскиот простор на шефовите на држави или влади не е докрај искористен. Кога се гледа храброста, па и хероизмот во Украина, која европските политичари толку неуморно ја фалат, тие не би смееле да дозволат да ги блокираат плашливоста или лошите искуства од минатото. Тоа би било залудно трошење на кризата, која е најдобра шанса за вистински реформи.

Во Стразбур се слушна и тоа дека Европа мора да стане едно од големите царства како што се Кина и САД, кои ја одредуваат глобалната иднина. ЕУ е далеку од тоа, но патувањето мора да тргне во таа насока. Европа веќе не смее да биде зависна од други, ни во производство на чипови, ни во производство на енергија или во одбранбените прашања. Францускиот претседател го спомена и снабдувањето со животни продукти – тоа е тема за која повторно се размислува дури од почетокот на војната во Украина.

Силата е во единството

Тие идеи и планови за повеќе заедништво, способност да се дејствува и за поголема независност на силна и обединета Европа, се соочуваат со тлеечки евроскептицизам во некои земји-членки на ЕУ, а во нив спаѓа и Франција. Од друга страна, руската агресија ги убеди скептиците во полската влада во користа која ја носи членството во ЕУ. А на многу предизвици, на пример во енергетската политика, можат да се пронајдат само заеднички, европски одговори.

Владимир Путин сакаше да го искористи 9 мај за прослава на својата победа и европската слабост. Тоа не му успеа. Не би имало подобар одговор на рускиот господар на војната, отколку да му се покаже политичката сила на ЕУ. Во новата историска ситуација која ни ја наметна Москва, силата може да биде само во заедништвото. А на Европа, за да преживее, во наредните месеци и години ѝ е потребна таа сила.