1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Македонија најизвесна е неизвесноста

Катерина Блажевска24 декември 2015

Додека на јавна сцена се одвива пресметката кој политички субјект е покриминоген, целосно е закочено спроведувањето на Договорот од Пржино, а тоа го доведува во прашање и одржувањето на изборите

https://p.dw.com/p/1HSff
Фотографија: DW/N. Velickovic

Пронајдена опрема за фалсификување лични карти, кај осомничените откриени папки со десетици илјади снимени телефонски разговори, откриени незаконски издадени лични карти на гласачи од Пустец кои ги нема во матичната евиденција.., и на крајот - жестока пинг-понг серија од меѓупартиски обвинувања околу поврзаноста со сторителите на овие дела.

Ова е атмосферата на политичката сцена во Македонија, неколку дена пред крајот на 2015 година. И пошироката, и експертската јавност, се изморени од неколкумесечното општествено тапкање во место, без резултати и конкретен напредок. Аналитичарите денес се согласуваат во една констатација: Во овој момент најизвесна е неизвесноста во Македонија!

Груевски: Нашето трепение се ближи кон крајот!

За случајот со фалсификуваните лични карти веќе се оформени повеќе предмети, а Скопското обвинителство најави дека за истражување на потеклото и содржината на снимените телефонски разговори, поради обемот, ќе биде потребен временски период од најмалку два месеца. Премиерот Груевски, иако преку писмено соопштение побара случајот до крај да се истражи, тој истовремено пресуди кој е „виновникот“.

Kombibild Politiker Mazedonien
Политичката лидерска четворка: Договорот од Пржино закочен

„Додека ние мислиме на отворање нови работни места, на куќи за младите (...) некој мислел на фалсификати, деструкција, сценарија, местенки, лажни конструкции и гнасни потези. Ова веќе не е политика. Нашиот народ не го заслужил ова. Некој се обидува да ја киднапира државата и ја држи во заложништво и нашето трпение се ближи кон крајот. Ако до пред некој ден мислевме дека опозицијата го допрела дното, сега е дефинитивно дека го пробија и дното. Ова мора да се истражи до крај, и сите виновници да одговараат пред законот. Мора да се истражат безбедносните аспекти на овој случај со други случаи. Мора да се истражи и објави како конструирани снимки и фалсификати произведени во 'Фабриката за афери' завршувале во соседни земји. Кој тоа правел трговија со овие работи? Тоа не само што има и други квалификации, туку е и класично антидржавно однесување против РМ и нејзините граѓани (...) Македонија е заложник на лудилото на неколку луѓе од опозицијата кои загушени во сопствената криминогеност и под притисок на сопствениот неуспех, прават постапки кои се очајни“, оцени вчера премиерот.

Истовремено, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, соопшти дека на 22 лица од Пустец, Албанија, МВР незаконски им издало лични карти, кои потоа биле искористени за гласање на локалните избори во 2013 година. Лицата се јавуваат во избирачкиот список, иако за нив не постои никаков податок во матичната евиденција на МВР, што значи дека не можеле да бидат гласачи, а сепак гласале.
„Издавањето на овие лични карти е незаконско. Ова потврдува дека брутално се искористувале институциите на државата. Дека МВРО на чело со Гордана Јанкулоска незаконски издавале лични карти“, изјави Спасовски и најави дека доказите ќе му бидат предадени на Специјалното јавно обвинителство.

Изборите висат?

И додека на јавна сцена се одвива пресметката кој политички субјект е покриминоген, целосно запреа преговорите во Работната група за обврските од Договорот од Пржино. Неговите потписници не манифестираат никаква политичка волја да го спроведат договореното, а посредникот во преговорите Питер Ванхауте замина во Брисел, каде ќе ги помине божикните празници. Медиумските реформи останаа на хартија, а во практика се случуваат многу промени кои не одат во насока на духот на Договорот: од доделување концесии на нови телевизии кои треба да обезбедат владино влијание, до кадровски промени во весници. Од „Вест“ најверојатно ќе замине главниот уредник Горан Михајловски, кому на 31-ви декември му истече договорот и не му е продолжен, а компанијата веќе објавила конкурс за главен уредник. Новинарите на „Вест“ во знак на протест вчера ја блокираа крстосницата во близина на Владата, бидејќи стравуваат дека со промената на уредникот ќе се направи обид за упад во нивната макотрпно градена и одбранета позиција за независно информирање.

Ваквите состојби, и закоченото спроведување на обврските од пржинскиот договор, во прашање го доведуваат и датумот за избори. На таа тема одредени забелешки се нотирани и во последниот извештај на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на ОБСЕ, по спроведениот мониторинг врз подготовките за избори на крајот на минатиот месец.
„Неколкумина соговорници изразија загриженост дека нема доволно консултации во процесот и оти краткорочната рамка пред изборите може негативно да се одрази врз начинот на кој засегнатите во изборите ги толкуваат новите одредби и на нивната способност ефикасно да ги вршат нивните функции“, се вели во извештајот. Во него се потенцира и недоволниот баланс во известувањето.

Mazedonien Skopje Peter van Houte
Посредникот во преговорите Питер ВанхаутеФотографија: DW/P. Stojanovski

Хан во инспекција

До денес многу рокови од Договорот се пробиени, а многу обврски неспроведени: медиумските реформи не се ни започнати, закочена е работата на Анкетната комисија, Специјалното обвинителство сè уште нема закон за јавна обвинителска служба, во Државната изборна комисија допрва ќе се избира генерален секретар, нема компјутери и технички персонал за работа, а за прочистување на избирачкиот список се потребни неколку месеци за да се спроведе теренска проверка и вкрстување на базите на податоци.

Еврокомесарот Јоханес Хан пред два дена испрати писмо до лидерите на четирите политички партии, во кое им порачал да продолжат со спроведувањето на Договорот од Пржино. Тој ги известил дека ќе дојде во Скопје во јануари, за одблизу да се запознае со тоа како се спроведува договореното.