1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Г8 и натаму нема согласност околу Косово

30 мај 2007

На средбата на министрите за надворешни работи на земјите на Г8, што е во тек во Потсдам е изразена и загриженост поради развојот на настаните на Блискиот исток, како и во атомскиот спор со Иран.

https://p.dw.com/p/Anri
Потсдам
ПотсдамФотографија: dpa

Во Потсдам продолжи спорот меѓу седумте најразвиени земји на светот и Русија по прашањето за статусот на Косово. Домаќинот на собирот, германскиот министер Франк-Валтер Штајнмаер залудно апелираше Москва да се откаже од натамошно спротивставување на донесување решение за статусот од страна на Советот за безбедност на ОН. Неговиот руски колега Сергеј Лавров беше недвосмислен: “Судбината на Србија и на Косово не треба да биде решена во Њујорк, во Потсдам или на друго место, туку само во директни преговори меѓу двете страни”.

Штајнмаер прецизира дека не се бара еднострана отстапка од Русија, туку согласност околу натамошниот тек на постапката во Советот за безбедност. “Без решенние на Советот нема да одиме напред во Западен Балкан и на Косово и ЕУ не ќе може да ја преземе одговорноста за Косово” – констатира Штајнмаер. Договорено било сепак барем засега, ниедна од земјите на Г8 да не признае еднострано независност на Косово.

Министрите на осумте земји искажаа “голема загриженост” поради безбедносната ситуација на Блискиот исток. “Мораме да ја прекинеме спиралата на насилство” рече Штајнмаер на средбата. Сите биле согласни дека палестинското раководство мора да стори се’ за да му стави крај на насилството меѓу самите Палестинци, како и на испалувањеето ракети врз израелска територија. Израелскиот премиер Ехуд Олмерт и претседателот на Палестинците Махмуд Абас се повикани да го продолжат дијалогот.

Иран во атомскиот спор мора да ги исполни барањата на ОН и на Меѓународната агенција за атомска енергија, оценија министрите спроти утрешната средба на преговарачите Хавиер Солана од ЕУ и Али Лариџани.

Во присуство на поканетите колеги од Пакистан и Авганистан, министрите на Г8 побараа од тие две земји подобро отколку досега да соработуваат во сузбивањето на радикално-исламските талибанци. Соработката меѓу тие две соседни земји, според германскиот министер Штајнмаер, е од клучно значење за безбедносната ситуација во Авганистан. “Во билатералните разговори во Кабул и Исламабад констатирав одредена готовност. Се надевам дека таа ќе биде затемелена со присуството на двајцата министри денеска и оти ќе дојдеме до заеднички договори”, рече Штајнмаер пред средбата.

Во заедничка изјава, објавена во Потсдам, министрите на Г8 ветуваат дека ќе се заложат за подршка на правната држава насекаде во светот. Покрај човековите права и основните слободи, правната држава е “темелен предуслов за траен мир, безбедност и континуиран развој” се вели во декларацијата, на која и’ претходеле дискусии, пред се’ со Русија.