Во Брисел ќе биде презентиран македонскиот план за НАТО
12 септември 2006Извозник на мир во регионот, поголемо учество во мировните мисии на НАТО – тоа би била новата политика на владата, која очекува покана за членство во алијансата уште на самитот на НАТО во Рига. Каков епилог се очекува ќе биде појасно по средбата на Јадранската тројка, односно на министрите за одбрана од регионот со американскиот министер за одбрана, Доналд Рамсфелд. Разговорите ќе се одржат на крајот на септември во Тирана. Македонската влада денеска во Брисел ќе го презентира осмиот акционен план за НАТО. По тамошните разговори ќе биде појасно дали ЕУ и НАТО ќе побараат и македонски контингент на мировни сили во Либан – идеја што неодамна во Скопје ја тестирала израелската амбасадорка во Македонија, со седиште во Белград. НАТО инсистира на поголем стандард на професионалните војници и поголеми плати за офицерите, како и модернизација на воените контингенти. Поради тоа воениот буџет за Македонија за наредната година ќе биде зголемен за околу 20 милиони долари, ќе се продолжи со модернизација на воените капацитети, а транспортот на мировниците ќе се решава со здружување на капацитетите со армиите во регионот. Ова ќе биде и една од темите за која ќе разговараат регионалните министри за одбрана.