1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ слави победа, СДСМ најави дека ќе формира Влада!

Костадин Делимитов
26 декември 2016

Победата на СДСМ во битката за Теарце не ги промени мандатите но ја разгорува војната околу процесот за коалицирање за нова Влада. Патот до таму нема да биде нималку лесен, посебно за Груевски, коментираат експертите

https://p.dw.com/p/2Us44
Mazedonien Nachwahl in Tearce
Фотографија: picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

ВМРО ДПМНЕ 51, СДСМ 49. Стартните позиции во трката за формирање нова Влада остануваат непроменети и по повтореното гласање на избирачкото место 2011 во Теарце. Со 245 освоени гласови СДСМ ја однесе победата пред ВМРО ДПМНЕ која заработи 150, што сепак се покажа недоволно за да обезбеди и промена, односно изедначување во бројот на пратеничките мандати. „Пол позицијата“ и го отвора патот на ВМРО ДПМНЕ во коалициските преговори, но високо ја позиционира и дилемата околу реалните изгледи за успех на овој пат. ВМРО ДПМНЕ прославува и соопшти дека веќе е во преговори за коалиција, СДСМ пак најавува дека таа ќе биде партијата која ќе ја формира новата Влада како логичен епилог на бројот на освоени опозициски гласови. Многу дилеми, многу математики, коментираат експертите. Дел од нив сметаат дека ништо не е готово и сите опции се отворени:

„Не исклучувам ниту една опција, ниту екстремот да се оди на нови избори, значи воопшто да не може да се формира влада, ниту широка коалиција, ниту која било внатрешна комбинација на партиите да формираат Влада. Но тоа што се знае, без разлика која ќе биде комбинацијата се две работи. Дека таа Влада ќе има ограничен мандат, кој ќе биде фокусиран на идните реформски приоритети и дека ќе биде со ограничен рок. И тоа мислам дека ќе влијае кај партиите за преговори во составување на Влада. Сите ќе калкулираат дека таа влада ќе има релативно непријатен список на работи кои ќе треба да ги заврши и дека ќе има ограничен рок на траење. Тоа ќе влијае на преговорите и мислам дека нема баш сите да се потепаат за учество во таа Влада“, смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Politischer Dialog in Mazedonien
Фотографија: Amalia Oganjanyan

Жежок костен

Иако тоа не е неопходно, тој сепак смета дека Никола Груевски веројатно би го добил мандатот а со тоа и жешкиот костен за преговори со партиите на Албанците:

„Мислам дека фактурата од таа страна ќе биде висока бидејќи партиите на албанците ќе бидат де факто оние кои ќе составуваат Влада, но сепак и тоа е со ограничен рок. Ние не знаеме дали тие придобивки ќе останат трајни или ќе бидат некаква фактура за овој период. Оттука не сум сигурен дека тие ќе бидат успешни во таа прва тура бидејќи фактурата на албанците ќе биде енормно висока и не сум сигурен дека Груевски кога ќе се пресмета ќе му одговара и да ја плати“, коментира Арсовски.

Распоредот на силите во делот на пратеничките мандати според дел од експертите не е никаква гаранција за натамошниот процес. Посебно ако се имаат предвид условите и начинот на кој што тие се обезбедени, коментира политичкиот аналитичар Мерсел Биљали. Секоја друга опција освен влада формирана исклучиво од опозицијата според него би било погубно сценарио:

„Мислам дека генерално земајќи ги во предвид гласовите на опозицијата кои се бројчано многу повеќе од оние на власта, а и тие не се добиени со корупција и подмитување, а уште помалку со заплашување на гласачкото тело, даваат поголем легитимитет и подемократска основа за овој мој став. Затоа немам никаква дилема дека новата Влада треба да ја формира  опозицијата заедно со сите оние политички субјкекти кои ќе сметаат дека таа ќе им одговара“.

Албанскиот политички блок според него е веројатно клучниот фактор во целиот процес, но не помалку и пораките и сигналите кои во континуитет доаѓаат од надвор:

„Мислам дека насоките и сигналите од ЕУ и меѓународната заедница се во насока на тоа дека Владата треба да се базира врз нови содржини. Албанскиот политички блок веројатно ќе биде клучен фактор, но сметам дека оној што ќе се согласи да остане многу близок со овој „фашизам“ ќе си потпише смртна политичка пресуда, без разлика дали тоа ќе биде под притисок на нерасчистени или многу чисти сметки. Но јас лично не верувам дека до тоа ќе дојде“, смета Биљали.

Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Нова владина коалиција со цел нормализација

Дел од експертите пак немаат дилема околу тоа кому треба да му биде доделен мандатот и кој треба да ја формира новата Влада. Според универзитетскиот професор Тања Каракамишева Јовановска, СДСМ треба да се помири со поразот, да му честита на победникот, а Зоран Заев да го исполни ветувањето и да ја напушти политиката. Уставните рокови вели таа се јасни, а согласно мајскиот договор и партнерите кои треба да ја формираат новата Влада: 

„Очекувам мандатар на новата Влада да биде Никола Груевски. Исто така, очекувам старите коалициони партнери со уште неколку пратеници плус, многу брзо да се договорат околу клучните политички елементи на новата владина коалиција со цел нормализирање на државата, враќање на патот на владеењето на правото, редот и поредокот, продолжување на економските успеси во државата“, смета Каракамишева Јовановска.

Македонските граѓани според нејзе извлекле многу поуки за идното политичко делување од политичката криза и стратегијата презентирана од страна на СДСМ:

„Сите претходно евидентирани слабости во системот очекувам да бидат надминати, сите институционални пукнатини санирани и сите судски и јавно обвинителски предмети да влезат во нормална работа и завршница. Кој порано кој подоцна, важно е да се научат лекциите, важно е да се сфатат грешките и најважно е да се утврди лична кривична одговорност против секого кој ја внесе државата во ова лошо сценарио. Криминалот и велепредавството мора да бидат казнети! За тоа прашање не смее да има никакви отстапки“, коментира Каракамишева Јовановска.

Прегласувањето во Теарцене влијаеше на освоените пратенички мандати кај политичките партии на Албанците што сепак не значи дека таму не се можни и одредени изненадувања. Посебно во редовите на ДУИ, која важи за најголемиот губитник со само 10 освоени мандати , иако и оваа бројка ако се суди според упатените но и се погласните шпекулации за преминување како резултат на големото незадоволство не е сигурна ниту конечна. Изненадување е резултатот на БЕСА која освои 5 пратенички мандати, Алијанса за Албанците со 3 и ДПА само со 2 пратеника.  Новоизбраните пратеници до 28 декември, ќе ги добијат уверенијата за пратеници, а во истиот рок и Собранието треба да го добие и конечниот извештај за предвремените парламентарни избори. Рокот за конституирање на Собранието е до 31 јануари, а потоа, до 20 јануари треба да се избере новата Влада.