1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ прославува 24-годишнина од основањето

АТ/ миа15 јуни 2014

По повод 24-годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на партијата и премиер на Македонија Никола Груевски имаше обраќање пред своите сопартијци.

https://p.dw.com/p/1CIoO
Фотографија: Reuters

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски денеска (15.06) истакна дека најголемиот успех на партијата во овие 24 години е што остана нераскинлив дел од народот, кој е нејзина најголема сила, и оти ВМРО-ДПМНЕ има план како да ја развива Македонија и да ја направи економски посилна.

„Д-р Христо Татарчев ќе каже: Македонија била и си останува култ на македонскиот народ, на неговата религија, род, јазик, на реликвиите на нејзините дедовци и прадедовци. Ќе дојдат генерации да ја видат независноста. На 17 јуни 1990 година беше формирана ВМРО-ДПМНЕ, врз основа на постулатите на историското ВМРО со една единствена цел, а тоа е да го оствари вековниот идеал на македонскиот народ да живее во независна, суверена Република Македонија, држава која ќе служи на интересите на сите нејзини граѓани“, потенцираше Груевски.

Тој им се заблагодари на сите членови на ВМРО-ДПМНЕ, на поранешните и сегашни членови на месните комитети за почитувањето на идеологијата и за победите кои ги остварува партијата, за следењето на принципите на ВМРО-ДПМНЕ и за несебичното посветено и одговорно однесување.

„Сакам да се заблагодарам и на секој граѓанин за вреднувањето на ова што го работиме и за довербата што ни ја даваат девет пати по ред, во последните девет години, победи на девет изборни циклуси. Тоа е нашата енергија, народот е нашата енергија. Нашите успеси се заеднички, а кога се заеднички успесите тие се и поголеми“, рече Груевски и им се заблгодари и на оние што ги критикуваат бидејќи, како што рече, уште повеќе ги мотивираат да ги исправат грешките, да учат од нив и да станат уште посилни и посупешни.

На приемот присуствуваа членовите на највисокото раководство на партијата, министри, сегашни и поранешни пратеници, ветерани и основачи на партијата, членови на УМС, претставници на дипломатскиот кор.