1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата на Јанша го загуби мнозинството во парламентот

Александар Методијев/бета/миа24 јануари 2013

Партијата Граѓанска листа, чиј лидер е претседателот на словенечкиот Парламент Грегор Вирант, и е една од 5-те партии во словенечката влада, синоќа ја напушти коалицијата, со што е загубено мнозинството во Парламентот.

https://p.dw.com/p/17Qbp
Фотографија: Reuters

„Одлуката ја донесовме едногласно и всушност беше многу едноставна“, рече по состанокот на врвот на партијата нејзиниот претседател Грегор Вирант.

Причината е што премиерот Јанез Јанша не одговори на барањето на партијата во рок од десет дена да поднесе оставка по објавениот корупциски скандал и неговата Словенечка демократска парија да предложи нов мандатар на владата, што беше услов за останување во коалицијата. Имено, Антикорупциската комисија во Словенија објави извештај во кој се наведува дека Јанша и градоначалникот на Љубљана Зоран Јанкович го кршеле Законот за сузбивање на корупцијата и интегритетот на државните функционери. Тие исто така на комисијата не и’ ја пријавиле својата имотна состојба и состојбата на банкарските сметки.

Janez Jansa Premierminister Slowenien
Словенечкиот премиер Јанез Јанша е соочен со корупциски скандалФотографија: picture-alliance/dpa

Лидерот на Граѓанската листа вчера вечер соопшти дека словенечкиот парламент ќе биде известен в понеделник дека двајца министри од редовите на оваа партија ја напуштаат Владата. Се работи за министрите за финансии Јанез Шуштерчич и министерот за јавна управа Сенко Пиличанич. Вирант рече и дека истиот ден ќе поднесе оставка на местото претседател на словенечкиот Парламент.

Со ова се продлабочи политичката криза во Словенија, па во земјата веројатно ќе се одржат предвремени парламентарни избори, по оние од пред 14 месеци, бидејќи заминување од владата веќе најавија и Демократската партија на пензионерите и Словенечката народна партија. Со напуштањето на коалицијата од страна на „Граѓанска листа“, Владата на Јанша остана без мнозинство во Парламентот. Владата во наредниот период ќе функционира како малцинска.