1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трката за пазарот во Иран започна

Јана Вохник-Захтлебен/сн28 декември 2015

Многу претпријатија веќе се во висок старт, очекувајќи го денот кога ќе падне одлуката за постепено укинување на економските санкции кон Иран. Може ли и германската економија да фати чекор на иранскиот пазар?

https://p.dw.com/p/1HUQM
Фотографија: IRNA

Сите погледи на економија се насочени кон т.н „Имплементејшн деј“. Денот кога Меѓународната агенција за атомска енергија ќе објави дека Иран ги исполнил своите обврски за редуцирање на неговата атомска програма. Тогаш имено постепено треба во сила да стапи укинувањето на санкциите кон оваа земја. На тоа чекаат бројни претпријатија, се разбира и во Германија. Фирмата „Еста“ од германската покраина Баден-Виртемберг е една од нив.

Посета од Техеран. Во седиштето на компанијата Еста во Улм се поканети ирански претприемачи. Директорот Петер Кулиц верува дека уште поважно од добар пазар е добар партнер на лице место.

Браќата Газај би можеле да бидат партнери на иранскиот пазар. Тие раководат со трговска фирма во Техеран. Нивната посета во монтажната хала на „Еста“ покажува дека нејзините филтер системи добро ѝ одговараат на понудата на Иранците. Двете семејни претпријатија со задоволство би соработувале.

Погледајте го видео прилогот на оваа тема:

„Златна треска“ за пазарот во Иран

„Иран сега одеднаш е повторно целосно во фокусот, бидејќи се отвора перспектива, откако санкциите ќе завршат, на овој голем пазар повторно да можеме да вршиме испораки за изградбата на фабрики и за индустријата. А таму токму сега започна трка меѓу натпреварувачи од странство -кој ќе дојде прв на пазарот, вели директорот на „Еста“, Кулиц.

Потенцијалниот партнер Mахдијар Газај од фирмата „Ебрахим“ се надоврзува:

„Со овие санкции ја загубивме довербата на германските односно европските произведувачи. Со оглед дека овие санкции, односно проблеми, полека ќе се решат, повторно стекнуваме доверба“.

Избувна вистинско расположение на „златна треска“, велат претприемачите. Тие се запознале на едно од извидувачките патувања, кои во моментов многу германски фирми ги водат во Иран.

Сѐ до ембаргото, Германија со годишен промет од 30 милијарди евра беше близок трговски партнер на Иран. Во 2014 прометот изнесуваше само една десеттина од оваа сума. Сега фирмите како „Еста“ се во висок старт, иако има и задршки:

„Сѐ уште имам грижи за тоа што ако дојде до конфликти? Немаме независно правосудство, јурисдикција, во која ќе можеме да се избориме и за нашето право. Пред навистина да започнеме со инвестиии, што ќе рече со изградба на монтажна хала таму, мора веќе да биде јасно дека и ние сме правно заштитени“, истакнува директорот Кулиц.

Паднат ли санкциите, „Еста“ планира да извезува столбови за филтрирање. Дури можат да си замислат претставништво во Иран.

Браќата Газај треба да помогнат во тоа. Тие продаваат машини за чистење, имаат голема мрежа и зборуваат германски. И двајцата имаат студирано во Германија.

Тие посакуваат економијата во Иран брзо да биде модернизирана од страна на фирми од Западот. Задршките на германските партнери во однос на правната сигурност можат да ги разберат. Меѓутоа, како што вели Алиреза Газај:

„Кинезите и азиските земји веќе преземаа ваков ризик и веќе го освоија пазарот во Иран. Германските фирми сега ќе имаат потешкотии повторно да се вратат на пазарот“.

Претприемачите од Улм и покрај тоа планираат да преземат ризик. При збогувањето со иранските гости, сите се согласни дека сакаат што е можно побргу да станат деловни партнери.