1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ванхауте на консултации, партиите на дискредитации

Катерина Блажевска2 ноември 2015

Отсуство на Ванхауте, партиите потписнички на Договорот не го искористија за самоиницијатива во насока на надминување на разликите, туку за кавги.

https://p.dw.com/p/1Gy6X
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Договорот од Пржино неколку дена е на слеп колосек, откако партиите не постигнаа напредок во разговорите за ингеренциите што треба да ги имаат новите министри и заменици министри во преодната влада. Европскиот олеснувач во разговорите, Питер Ванхауте, откако потврди дека „нема ништо ново“, изминатиов викенд замина на „дополнителни консултации“ во Брисел.

Во дипломатски кругови се воздржуваат од оценки со какви инструкции ќе се врати Ванхауте од Брисел, а на растечките шпекулации дека посредникот можеби и нема да се враќа, одговараат: „Не е прашањето дали Ванхауте ќе се врати од Брисел, туку дали Македонија ќе тргне натаму“. Притоа, реторички прашуваат: „Дали во отсуство на Ванхауте, партиите потписнички на Договорот, се обидоа да сторат нешто самоиницијативно во насока на надминување на разликите“?

Ако ова бил еден од последните тестови за домашниот политички капацитет и каква било нивна волја за напредок, тогаш со сигурност може да се констатира дека партиите паднаа на „испитот“. Тие викендот го поминаа во меѓусебни обвинувања за партиските имоти и за тоа по чија вина младите се иселуваат од Македонија. И двете прашања се важни и релевантни, но не и приоритни за расправа во клучниот политички миг - да се спроведат обврските од Договорот пред објавувањето на Извештајот на ЕК за напредокот на Макодонија, бидејќи од тоа зависи дали ќе опстои препораката за преговори со ЕУ.

Kombibild Politiker Mazedonien
Четворицата партиски лидери: Груевски, Заев, Ахмети и Тачи

Нема избори по „стар терк“

Главната заложба на претставниците на меѓународната заедница е Договорот да се реализира, но ако не се успее во тоа, тогаш сите опции се отворени. Ова го велат и од партиската „четворка“, без да откриваат кои би бил нивниот план Б. Се претпоставува дека опозицијата при неупех на Договорот повторно би ги активирала „бомбите“, а од ВМРО-ДПМНЕ постојано нагласуваат дека нивен интeрес е да ја проверат довербата на избори. Но, сосема е сигурно дека опозицијата не би прифатила избори со непрочистен избирачки список и се‘ друго што досега ја компромитираше регуларноста на процесот, а со оглед на недостатоците нотирани во Ивештајот на Рајнхад Прибе во однос на изборите, јасно е дека меѓународната заедница не би признала избори и резултати спроведени по досега „критикуваниот терк“. Како ќе се однесува ДУИ? Функционери на оваа партија деновиве јавно изјавуваа дека Договорот на 2 јуни не би бил потпишан, ако тие не извршеле притисок со најава дека ќе ја напуштат владејачката коалиција. Истата „опција“ најверојатно може да биде ставена на маса и ако биде во прашање доведена реализацијата на Договорот. Вакви сигнали може да се прочитаат од соопштението на ДУИ по средбата на партискиот лидер Али Ахмети со заменик американскиот амбасадор во Македонија, Барт Путни, во минатиот петок, на која двајцата разговарале околу отворените прашања од Договорот, „како и за чекорите кои ДУИ планира да ги преземе во зависност од напредокот во спроведувањето на Договорот“.

„ДУИ, како дел од сите случувања во врска со Договорот од Пржино, ги разгледува и испитува сите можни опции за надминување на оваа тешка криза“, рекол Ахмети на средбата. Тој потенцирал дека за ДУИ е многу важно договорот од Пржино целосно да се спроведе, без понатамошно одложување да биде комплетиран тимот на Специјалниот обвинител и да се достават останатите закони во Собранието. Тој нагласил дека држењето на евроатлантската иднина во заложништво поради неподготвеноста за компромис, ќе влијае многу и во меѓуетничките односи и општата состојба во земјата.
Неколку дена претходно, министерот за за економија, Беким Незири, најави преиспитување на учеството на ДУИ во Владата ако пропадне Договорот.

„ДУИ во таков случај итно ќе ги свика партиските органи - Генералниот совет и Централното раководство, каде ќе се дебатира дали партијата и понатаму да биде дел од Владата“, рече Незири.

Министерот не може да биде гостин!

Отсуството на напредок ги кочи политичките процеси, но и бизнисот. Стопанските комори апелираат што побрзо да се дојде до решение, бидејќи сегашната состојба негативно се одразува на економијата. Но, реагираат и партите кои не се вклучени во преговорите.

Pavle Trajanov
Павле ТрајановФотографија: DW

„Преговарачкиот процес за излез од политичката криза е блокиран од страна на четирите партии потписници на договорот од Пржино. И ВМРО-ДПМНЕ и други партии се раководат од тесните партиски и лични интереси и на земјата и‘ прават штета на економски и на евроинтеграциски план“, рече вчера Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз, партија која е дел од владејачката коалиција, но во иднина планира самостоен настап.

„Ниту Заев со политичките 'бомби' може да дојде на власт, уште помалку пак Груевски и другите партии на власт, можат со вонредни избори да го покријат криминалот во кој се практично директно инволвирани“, рече вчера Трајанов.

Тој очекува во наредните денови партиите да постигнат договор, бидејќи нема дилеми како треба да се реши прашањето за ингеренциите на новите министри и заменици, особено за ингеренциите на новиот министер за внатрешни работи.

„Ако е министер за внатрешни работи, тој не може да биде технички извршител или гостин во МВР. Тој мора да има можност да работи бидејќи одговара за вкупните безбедносни состојби во Република Македонија“, порача Трајанов.

Остри пораки, со барање да се испочитува Договорот од Пржино за да се зачува европската перспектива на земјата, освен од влијателната амбасадорска „шесторка“ во Македонија, во петокот стигнаа директно и од германската и холандската влада.