1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вакцините пристигнуваат, кој прв ќе фати ред?

ДТЗ /ДВ
23 декември 2020

Грција, Полска и Бугарија се земјите преку кои се набавуваат вакцини за Ковид-19. Од Владата велат дека се обезбедени 833.000 вакцини, што е доволно за 400.000 македонски граѓани.

https://p.dw.com/p/3nASO
Deutschland | Coronavirus | Impfstoff
Фотографија: Dado Ruvic/REUTERS

Граѓаните на Северна Македонија веќе на почетокот на идната година можат да се надеваат на вакцина против смртоносниот Ковид-19. Од Владата тврдат дека веќе се обезбедени 833.000 вакцини, што е доволно за речиси 400.000 граѓани, преку Ковакс-механизмот. Две недели по вакцинацијата, граѓаните ќе треба да примат уште една доза за ревакцинација. Веќе е изготвен и приоритетен план за вакцинација - на него се најдоа лекарите, медицинскиот персонал, хронично болните, повозрасните лица, но и политичарите.

-повеќе на темата: Големата трка за вакцини 

Потоа се очекува нова тура вакцини, со која ќе може да биде опфатено и останатото население коешто ќе сака да се вакцинира. Надлежните институции добија упатства од Владата веднаш да започнат со подготовките за прием, транспорт и чување на вакцините за што ќе бидат задолжени полицијата, Агенцијата за лекови и  Царинската управа. Предложени се и измени на Законот за јавни набавки за да може директно да се набавуваат вакцини од производителите. 

Не се чекаат само донации

По критиките во јавноста дека соседна Србија веќе ги добила првите вакцини, а Северна Македонија се' уште бара начини како да ги обезбеди, владиниот портпарол Душко Арсовски денеска изјави дека не се чекаат само донации, туку се користат сите инструменти и навреме се почнати сите процедури за набавка на вакцина против Ковид-19.

-повеќе на темата: Колкави се разликите меѓу вакцините против корона?

„Покрај Ковакс-механизмот, почнавме преговори и за директна набавка од компаниите што ги произведуваат вакцините. Предвиден е и трет механизам, преку Европската Унија, која е во постапка за набавка на 200 милиони вакцини за земјите членки и за уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата. Ние аплициравме за дополнителни 800.000 дози од овие 100 милиони“, изјави Арсовски. Дел од првата пратка на вакцини што ќе стигне во Грција, треба да биде наменет за македонските граѓани. Ова било потврдено во телефонски разговор со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Кој прв ќе се вакцинира?

Штом биде достапна вакцината во земјата, први ќе ја примат лекарите, медицинскиот персонал и сите други на првата линија во борбата со пандемијата, потоа хронично болните, возрасните граѓани, вработените во градинките и другите на приоритетната листа. Потоа, ќе се вакцинираат политичарите. Премиерот Зоран Заев, како што најавија од Владата, ќе даде личен пример во насока на давање поддршка во напорите за сузбивање на Ковид-19.

- повеќе на темата: ЕУ: Гигантскиот потфат на вакцинирање може да почне

На прашањето зошто здравствените власти сè уште не ја објавиле листата со резултати за смртноста на пациенти со Ковид-19, владиниот портпарол Душко Арсовски рече дека властите имаат целосен увид и дека таа ќе биде објавена наскоро. „Повеќето од овие пациенти имале други болести кои дополнително ја влошиле нивната состојба. 90 проценти од сите пациенти кои починале имале барем една до две други болести, што го влошило нивното здравје. Најчестите болести што ги имале овие пациенти инфицирани со ковид се кардиоваскуларни болести, дијабетес, заболување на бубрезите, заболување на белите дробови. Дел од пациентите имале напреднат карцином или биле подложени на сериозна операција, по што починале“, вели Арсовски.

Регионот започнува со вакцинација

Започнаа првите испораки на вакцината против Ковид-19 во земјите од ЕУ. 12,5 милиони дози европските земји ќе обезбедат до крајот на годината, а имунизацијата на Европејците ќе започне за неколку дена. Србија од утре започнува со вакцинација на постарите лица, а ќе се вакцинира и државниот врв.

„Дали Ана Брнабиќ или пак јас, ќе видиме, и некој од државниот врв ќе ја прими вакцината. Овие вакцини ги набавивме билатерално, независно. Ние сме веројатно единствената земја надвор од ЕУ во овој дел на Европа што успеа да ги набави. Ќе има повеќе во февруари и март“, изјави Вучиќ. И Словенија и Хрватска имунизацијата ја започнуваат за неколку дена.

-повеќе на темата: Бугарија со „чисто срце“ ќе донира дел од вакцините за Северна Македонија 

Северна Македонија, според најавите, првите дози очекува да ги добие како донација од Бугарија, а вакцини се чекаат и од Грција и од Полска. Бугарија од секоја пратка на вакцините против Ковид-19, кои директно ги купиле од производителите, дел ќе донира и за Северна Македонија. Ова вчера беше одлучено на владината седница во Софија, на која учествуваше и министерот за здравство Венко Филипче. 

„Благодарение на овој пријателски чин, со оваа донација за кратко ќе го почнеме процесот на вакцинација и ќе го олесниме пристапот до вакцините за да може да вакцинираме 60 до 70 отсто од населението“, изјави министерот Филипче по седницата.