1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бусек: проста географска поделба на Косово ќе ја отвори Пандорината кутија

15 август 2007

По изјавата на претставниците на меѓународната посредничка Тројка дека прифаќаат секакво решение за кое ќе се договорат двете страни, па и тоа да е поделба на Косово, ваквото решение се повеќе се анализира во јавноста.

https://p.dw.com/p/BUcf
Ерхард БусекФотографија: dw-tv

Колку е реална можноста за поделба на Косово, со оглед на отпорот на Албанците кон ваквата идеја, Дојче Веле побара одговор од координаторот на Пактот за стабилност Ерхард Бусек.

“Во моментов постојат само предлози за кои мнозинството се изјасни против. Ако појдеме од тоа дека воопшто не постои никаков предлог, тоа не е решение. Се едно до каков компромис ќе се дојде, тој нема да ја има целосната поддршка на двете страни. Но, потребно е решение со кое може да се живее и мора да се појде од таму. Меѓу сите лоши решение, ова е барем можно. Постои можност да се дојде до виртуелно приближување на ставовите или на овој или оној начин во конфликт да се донесе одлука со сите последици врзани за неа”

, смета координаторот на Пактот за стабилност Ерхард Бусек.

Со оглед на тоа дека познавачите на приликите тврдат дека нема шанси за компромис, Бусек вели:

“Перспективата е многу јасна. Речиси и да не постои решение за кое би можело да се каже дека ќе биде постигнато со голема согласност од сите. Друго решение е секако она до кое би се дошло преку еднострано признавање на независноста. Но, тоа отвора други проблеми, кои почнуваат уште во самата ЕУ. ”

Бусек смета дека за сега еднострано признавање на независноста на Косово не е пожелно, но е возможно, упатувајќи на поговорката дека политиката е уметност на возможното.

На крајот Бусек потенцира дека “ проста географска поделба на Косово не е е можна и би ја отворило Пандорината кутија. Потоа и Албанците од Прешевската долина би имале слични барања за корекција на границата.”

“Дали предлогот за поделба ќе дојде на маса или не за тоа ќе одлучи политиката. Клучното прашање е дали сме во состојба конечно да му ставиме привремен крај на косовскиот проблем. Решение не може да биде ниту вечен мандат на ОН.”